Бајден тврди дека нема да избегнува разговор за човековите права во Саудиска Арабија

Американскиот претседател Џо Бајден изјави во четвртокот дека нема да ја избегнува темата за човековите права во текот на утрешната посета на Саудиска Арабија, како и дека неговиот став за ликвидираниот саудиски новинар Џамал Кашоги е „апсолутно“ јасен.

„Никогаш не молчев за човековите права. Причината поради која одам во Саудиска Арабија, сепак, е многу поширока, тоа е афирмирање на интересите на САД“, изјави Бајден на прес-конференцијата по средбата со израелскиот премиер Јаир Лапид во Ерусалим.

„Многу нешта се во игра, сакам јасно да кажам дека можеме да го продолжиме водството во регионот и да не создаваме вакуум, вакуум кој го исполнуваат Кина и/или Русија“, додаде американскиот претседател.

Посетата на Бајден на саудиска Џеда, каде што се очекува да се сретне со кралот Салман, како и со престолонаследниот принц Мохамед бин Салман, наиде на противење во САД, во прв ред поради обвинувањата дека убиството на дисидентот новинар Кашоги кој живееше во егзил во САД во октомври 2018 година беше убиен во саудискиот конзулат во Истанбул, било наредено од највисоките саудиски функционери, вклучително и престолонаследникот.

Ланскиот извештај на американската разузнавачка заедница заклучи дека принцот Бин Салман го одобрил и веројатно наредил убиството на Кашоги, кој во тоа време работеше како колумнист за весникот The Washington Post. Кашоги, кој потекнуваше од влијателно саудиско семејство блиско до монархијата, стана критичар на стилот на владеење на принцот Бин Салман поради што мораше да се пресели во САД.

Бајден, кој саудиската влада ја нарече „парија“ поради нејзината улога во убиството на Кашоги, рече дека неговите ставови за тоа злосторство се „апсолутно позитивно јасни“,

„Секогаш ги споменуван човековите права, но мојот став за Кашоги беше толку јасен. Доколку тоа некој не го разбира во Саудиска Арабија или каде и да е на друго место, не е тука веќе извесно време“, рече Бајден.

Турската истрага открила дека припадници на саудиското разузнавање го чекале Кашоги во конзулатот каде бил за да ја обезбеди потребната документација за да се ожени со неговата турска свршеничка Хатиџе Ченгиз, која за време на инцидентот го чекала пред зградата на Конзулатот и која откако по десетина часови не излегол од зградата ја алармирала истанбулската полиција. Според официјална Анкара, Кашоги бил свирепо егзекутиран а неговото тело веројатно распарчено и расфрлано во близина на Истанбул или потполно уништено во самиот конзулат.

Властите во Ријад го признаа инцидентот дури по големиот меѓународен притисок. Саудиска Арабија во 2019 година покрена судски процес по предметот, во кој осум лица добија долгогодишни затворски казни. Целиот процес беше отворено критикуван од јавноста поради тајноста на постапката