
Српскиот министер за одбрана Небојша Стефановиќ денеска изјави дека авионот Антонов 12 што се урна во близина на Кавала, северна Грција, превезувал 11,5 тони муниција од српската наменска индустрија во Бангладеш, а во несреќата загинале осум членови на екипажот кои биле украински државјани.
По несреќата, во која нема преживеани, пожарот е целосно изгасен, а противпожарната служба на Грција, утрово со дрон го испитуваше теренот и според локалните власти, освен остатоци од авионот и муницијата дронот регистрирал и делови од човечки тела.
Портпаролот на украинското МНР, како и генералниот конзул на Украина во Солун, кој е на местото на несреќата, потврдија дека членовите на екипажот биле нивни државјани.
Според грчките медиуми, се очекува во Кавала да пристигне специјален тим за нуклеарно- хемиско- биолошка одбрана од Министерството за одбрана на Грција за да ја истражи опасноста од евентуални токсични материи и за да се одреди понатамошниот тек на истрагата.
Стефановиќ на прес-конференцијата рече дека авионот на украинската компанија Меридијан ЛТД полетал од Ниш синоќа околу 20:40 часот и превезувал муниција на српската компанија Валир за Министерството за одбрана на Бангладеш. Биле планирани технички слетувања во Аман, Ријад и Ахмедабад, а требало да слета во Дака.
– Овој авион ги имаше сите соодветни дозволи, се во согласност со меѓународните прописи, рече Стефановиќ и додаде дека не се точни тврдењата на некои медиумите дека на тој лет се транспортирало оружје од Србија во Украина, оценувајќи ги како злонамерни и неточни
фото: EPA