Медведев ја предупреди Украина дека го предизвикува својот „Суден ден“

Актуелниот заменик претседател на рускиот Совет за национална безбедност, Дмитриј Медведев, поранешен шеф на државата и премиер, предупреди во неделата дека Украина, доколку се остварат заканите од Киев за напад врз црноморскиот полуостров Крим, ќе се соочи со својот „Суден ден“.

Доминантно рускиот црноморски полуостров Крим кој по превратот во Киев во март 2014 година со два референдума со огромно мнозинство гласови над 90 отсто прво ја врати автономијата укината во 1991 година со осамостојувањето на Украина од Советскиот сојуз, а со вториот реши да се присоедини во составот на Руската Федерација од која е издвоен и припоен на Украина во 1954 година во времето на СССР. Но Западот и Украина го сметаат тоа за нелегална руска анексија на украинска територија.

„Одредени егзалтирани, крвави кловнови, кои се појавуваат таму (во Киев) одвреме-навреме со некои изјави, уште повеќе се обидуваат да ни се заканат, имајќи предвид врз Крим…. Во врска со тоа сакаме дека е сосема очигледно дека тие ги разбираат последиците од таквите изјави. А последиците се очигледни дека доколку се случи такво нешто, за сите таму веднаш ќе дојде Судниот ден. Многу брзо и многу тешко. Ќе биде многу тешко да се сокрија“, рекол Медведев на средба со воените ветерани во Волгоград, според објавата на социјалните мрежи.

Медведев и кон крајот на јуни предупреди дека секој обид воена интервенција на земја членка на НАТО во Крим, ќе претставува објава на војна. А неговата последна изјава во врска со стратешко важниот полуостров преку кој Русија сега ги контролира и Црното и Азовското Море, следат по изјавите од Киев претходно седмицава.

Во петокот, имено, Вадим Скибицки, портпарол на Главната разузнавачи управа (ГРУ) на украинското министерство за одбрана, изјави дека Киев може да ги употреби американските ракети со долг дострел за да изведе напади врз Крим. Истовремено и Олексиј Арестович, советник во кабинетот на украинскиот претседател, изјави дека украинската војска може да изведе напади врз Кримскиот мост „што ќе се појави техничка можност“ за тоа.

Мостот е изграден за да го поврзе полуостровот со руското копно, а патниот дел е отворен во 2018 година, а железничкиот сегмент во 2020 година. Иако руските трупи воспоставија копнена врска со Крим на почетокот на конфликтот со преземање на поголемиот дел од регионите Керсон и Запорожје, владата во Киев остана посветена на уништување на мостот.

Алексеј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, уште во април во едно интервју посочи дека цел на Киев е уништувањето на Кримскиот мост. Украинскиот генерал Дмитриј Марченко во јуни изјави за американските државни медиуми дека Киев сè уште сака да го крене мостот во воздух, но чека Западот да го достави вистинскиот вид оружје. Во четвртокот, поранешниот командант на НАТО во Европа и пензионираниот генерал на воздухопловните сили на САД, Филип Бридлав, изјави за Times дека Украинците треба да го целат мостот со противбродски ракети „Harpoon“, кои неодамна ги испорачал Пентагон.

Американскиот ракетен систем HIMARS со дострел од околу 80 километри беше дел од 11-от пакет воена помош на САД за Украина во војната против Русија, донесен на 1-ви јуни. Тогаш Белата куќа соопшти дека Киев се обврзал дека таквите вооружувања со долг дострел нема да ги користи за напади врз цели на руска територија, на што во Москва одговорија со неверување, па една од целите на сегашната офанзива на руските трупи во Украина е да ги потиснат украинските единици кон централниот дел од земјата и надвор од дострелот на таквите системи.

Според рускиот претседател Владимир Путин, испораките на такво вооружување на Украина во суштина не менуваат ништо на теренот, бидејќи тие само го компензираат досега уништеното украинско оружје. Но истовремено Путин предупреди дека Москва „ќе мора да извлече соодветни заклучоци“ од американското снабдување на Украина со ракетни систем со долг дострел. Москва, исто така, предупреди дека во тој случај руските сили ќе имаат цели во Украина кои досега не биле напаѓани.