
Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Техеран изјави дека е постигнат напредок во преговорите за извоз на жито од Украина преку Црното Море и му се заблагодари на турскиот колега Реџеп Таип Ердоган за „посредувањето“ околу ова прашање.
„Би сакал да ви се заблагодарам за вашите напори за посредување, што ја понудивте Турција како основа за преговори за прашањата за производство на храна и извоз на жито преку Црното Море“, рече Путин.
Путин и Ердоган пристигнаа денеска во Техеран на разговори со иранскиот претседател Ебрахим Раиси, за конфликтот во Сирија и војната во Украина.
Претседателите на Русија и на Турција разговарале за механизмите кои ќе овозможат извоз на жито од Украина, кој е блокиран од руската воена офанзива и поради што постои опасност од светска криза со храна.
Разговорите со Москва, Киев, Анкара и ОН треба да се одржат во Турција во наредните денови, по разговорите одржани на 13 јули.
Руското Министерство за одбрана во петокот објави дека наскоро ќе биде подготвен „конечниот документ“ кој ќе дозволи извоз на жито од Украина.
Договорот, за кој се преговара под покровителство на ОН, има за цел да донесе околу 20 милиони тони жито преку Црното Море, што е блокирано во украинските силоси поради војната во Украина.
Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар неодамна потврди дека е постигнат „начелен договор“ со Украина и со Русија за воспоставување безбеден поморски коридор што ќе овозможи транспорт на жито.
Руските власти изјавија дека во Истанбул треба да се отвори координативен центар кој ќе овозможи извоз преку Црното Море.