Мицкоски: Ниту скрининг има, ниту преговори има, вчера имаше само обична фотосесија, Албанија ќе преговара, а ние ќе седиме во чекалната

-Ниту скрининг има, ниту преговори има. Тоа што тие го нарекуваат скрининг е мониторинг кој трае од првиот момент кога ние сме земја кандидат, од 2005 година, 17 години, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања, при денешната посета на општина Бутел.
Мицкоски истакна дека можеби според власта тоа се нарекува скрининг, но нема врска и тоа е јасно покажано во документите кои ги потпишаа вчера.
– Ниту има преговори, ниту ќе почнат. Јасна е позицијата, за да почнат преговорите потребно е да се смени Уставот, според Заедничкиот став на Европската Унија, член 11 вели дека мора прво да се смени Уставот, односно да се вметне дел од бугарскиот народ во Преамбулата, па дури потоа да се одржи онаа вистинска меѓувладина која ќе почне да го води процесот на скрининг и отворање на кластерите и поглавјата, потенцираше Мицкоски.
Тој нагласи дека вчера имаше само обична фотосесија и јадење торти. „Отприлика тоа е тоа што вчера се случуваше. Албанија ќе преговара, а ние ќе седиме во чекалната, изјави Мицкоски.