
Меѓународниот суд на правдата (ICJ) во Хаг во петокот го отфрли приговорот на Мјанмар на тужбата за геноцид поради постапувањата кон муслиманското малцинство Рохинга (Рохинџа), со што е отворен патот овој случај во целост да биде судски проследен.
Мјанмар, каде што од 2021 година владее воена хунта, тврдеше во приговорот дека Гамбија нема право да поднесе тужба пред највисокиот суд на Обединетите нации, официјално позната како Меѓународен суд (ICJ).
Меѓутоа, претседавачката судијка Американката Џоан Доногју соопшти дека советот од 13 судии заклучил дека сите членови на Конвенцијата за геноцидот од 1948 година можат и мора да дејствуваат за да се спречи геноцид, а дека судот има надлежност во овој случај.
„Гамбија, како потписничка на Конвенцијата за геноцидот, е во право“, изјави Доногју, читајќи го сублиматот од пресудата.
Судот сега ќе го согледа меритумот на случајот, процес кој веројатно ќе трае со години. Иако одлуките на судот се обврзувачки и земјите главно ги почитуваат, судот нема начини да го спроведе.
Гамбија, која ја покрена тужбата откако нејзиниот тогашен државен обвинител посети бегалски камп во Бангладеш, тврди дека сите земји имаат должност да ја почитуваат Конвенцијата за геноцидот од 1948 година. Организацијата за исламска соработка (OIC) од 57 земји членки ја поддржа тужбата со којашто Мјанмар „треба да биде повикана на одговорност и да спречи нови крвопролевања“.
Засебна мисија на ОН за утврдување на фактите заклучила дека воената кампања во Мјанмар во 2017 година, со којашто се протерани 730. 000 Рохинги во соседниот Бангладеш, вклучувала „геноцидни дела“.
Во привремената одлука од 2020 година, судот му наложи на Мјанмар да ги заштити Рохингите од геноцидот, што се доживува како правна победа со којашто се утврдени нивните права како заштитено малцинство според меѓународното право.
Организациите на Рохингите и активистите за човекови права сметаат, пак, дека немало значителни обиди да биде прекинато нивното систематско прогонување и она што Amnesty International го нарекува „системот на апартхејд“.
На Рохингите сѐ уште им се ускратува државјанството и слободата на движење во Мјанмар. Десетици илјади луѓе веќе цела деценија се затворени во кампови за раселување.
Воената хунта во Мјанмар во февруари 2021 година во домашен притвор ја стави соборената од власт долгогодишната опозициска активистка Аунг Су Чи, која во 2019 година лично го бранеше Мјанмар на сослушувањето во Хаг.
Седумдесет ипетгодишната добитничка на Нобеловата награда за мир е обвинета за десетина различни кривични дела, од злоупотреба на положбата и корупција до изборни манипулации. Аналитичаите веруваат дека воениот врв на Мјанмар сака долгорочно да ја замолчи Аунг Су Чи, бидејќи според обвинувањата ѝ се заканува долга затворска казна. бвинета е, меѓу другото, и за кршење на наворешнотрговските прописи и прописите воведени поради коронавирусот, како и за поттикнување.