
Украинските власти очекуваат дека Европол ќе им ги достави доказите за наводно препродавање и шверцување на оружјето коешто Западот му ги доставува на Киев за војната против Русија, изјави во петокот секретарот на Националниот совет за одбрана и безбедност, Олексиј Данилов.
Претходно претставникот на европската полициска организација, Јап Оп Ген Оорт, изјави дека постојат основани сомневања за криумчарење оружје од Украина. Според него, на црниот пазар се појавуваат огнено оружје и воена опрема која потекнува од земјата зафатена со војната.
„Очекуваме суштински разговор со официјални претставници на Европол, со факти и докази во врска со изјавите за наводни случаи на ‘трговија со оружје и воена опрема на црниот пазар’ од Украина. Максимално заинтересирани сме за брза размена на информации и моментално реагирање“, објави меѓу другото Данилов на Twitter.
Претходно седмицава еврокомесарот за внатрешни работи Илва Јохансон изјави дека Европската унија е загрижена поради евентуалното криумчарење оружје и наркотици од територијата на Украина.