Фон дер Лејен: Европа мора да биде солидарна во гасната криза за да ги преброди следните две зими

Европските земји кои не зависат од рускиот гас мора да покажат солидарност со оние кои се принудени да вложат напори за штедење поради претстојните (можни) прекинувања на испораките, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

„Дури и земјите членки (на ЕУ) коишто речиси не купуваат руски гас не можат да ги избегнат ефектите од потенцијалниот прекин во снабдувањето на нашиот внатрешен пазар“, изјави фон дер Лејен за службената германска новинска агенција DPA пред специјалниот состанок на министрите за енергетика во ЕУ планиран за вторникот.

Оцени дека стопанствата и економиите во ЕУ се испреплетени, истакнувајќи дека гасната криза во некоја форма ќе ја погоди секоја држава членка.

„Затоа е важно сите држави членки да ја зауздаат побарувачката, сите да складираат повеќе и да делат со оние членки кои се повеќе погодени“, вели фон дер Лејен.

Нејзината изјава следеше по критиките од Шпанија и Португалија на сметка на планот за вонредни ситуации со гасот кој го предложи ЕК. Владата во Лисабон го оцени планот „неодржлив“ и рече дека нејзината потрошувачка на гасот е „апсолутна потреба“.

Планот на Европската комисија ги повикува сите држави во ЕУ доброволно да ја намалат сопствената потрошувачка на гасот за најмалку 15 отсто во периодот меѓу 1-ви август и 31-ви март, давајќи ѝ можност и за одредување на намалување на потрошувачката во случај на сериозна криза со гасот.

И покрај противењето на некои земји, фон дер Лејен изразува уверување дека предлозите на крајот ќе добијат поддршка.

„Сигурен сум дека министрите за енергетика…. се свесни за својата одговорност“, рече фон дер Лејен додавајќи дека ЕУ треба да „сплете безбедносна мрежа за сите сигурно да ги пребродат следните две зими“.