
Цените на нафтата пораснаа во вторникот на меѓународните пазари втор ден со ред, поради зголемувањето на загриженоста за снабдувањето во Европа откако Русија, клучниот снабдувач со нафта и гас во регионот, дополнително ги намали испораките на гасот.
Цената на барелот на лондонскиот пазар според договорите за испораките во септември во претпладневното тргување порасна за 1,51 долар во однос на затворањето на тргувањето во понеделникот, на 106,66 долари, откако вчера падна за 1,99 долари.
Барелот на сировата нафта на американскиот пазар, пак, истовремено во вторникот поскапи за 1,36 долари, на 98,04 долари, по вчерашниот раст на цените за 2,1 отсто.
Во одвоен извештаја Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) денеска објави дека со барелот од референтната кошница нафта на нејзините членки во понеделникот чинел 106,27 долари, што значи дека поевтинил за 1,39 долари во однос на претходниот трговски ден.
Русија во понеделникот ги намали испораките на гасот во Европа, бидејќи „Газпром“ соопшти дека испораките во Германија преку гасоводот Северен тек 1 ќе паднат на само 20 отсто од капацитетот. Руската компанија го образложи тоа со ремонт на нова гасна турбина од станица на гасоводот, но во Брисел сметаат дека тоа е одмазда за сеопфатните санкции на ЕУ против Русија наметнати поради војната во Украина.
Поради руското намалување на испораките, европските земји нема да можат да ги исполнат своите цели за повторно полнење на складиштата со гас пред зголемувањето на побарувачката есента и зимата. Германија, најголемата европска економија, ќе мора да ја рационализира потрошувачката во индустријата за граѓаните да можат да се загреваат во текот на зимските месеци.
Тоа крајните корисници би можело да ги поттикне гасот да го заменат со нафтени деривати, особено со дизелот. Меѓутоа, и тоа носи ризик, имајќи предвид дека токму Русија го снабдува континентот со повеќето дизелски горива. Руската нафта, исто така, е под ембарго, се санкционира транспортот и осигурувањето на транспортите на нафтата, како и обидите на САД и Г7 да постават плафон за цената на руската нафта, па се очекува дека ќе пораснат цените на горивата.
„Повисоките на цените на гасот, поттикнати со притисокот од Русија, би можело да доведат до дополнително преминување од гасот на сировата нафта и да бидат поддржани цените на нафтата“, вели за Reuters Хиројуки Кикукава од компанијата „Nissan Securities“.
Европското снабдување со сирова нафта, нафтени производи гас е нарушена поради западните санкции и споровите околу плаќањата кон Русија. Но од друга страна, пак, падот на побарувачката поради неодамнешните високи цени на сировата нафта и горивата и очекувањата во врска со зголемувањата на каматните стапки во САД и другите централни банки, цените на нафтата се под притисок.
„Играта меѓу загриженоста за слабеење на побарувачката поради забавувањето на економиите во услови на растечките американски каматни стапки и стравот за снабдување поради продолжување на судирот меѓу Русија и Украина веројатно ќе продолжи уште извесно време“, додава Кикукава, проценувајќи дека цената на барелот на американскиот пазар би можела да се движи околу 100 долари.
Се очекува дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) ќе ги зголеми каматните стапки за 0,75-процентни поени, што би можело негативно ќе влијае врз економската активност, а со тоа и врз побарувачката на горива.
Јазот меѓу европските и американските цени на нафтата се зголеми до нивоата кои не се забележани од јуни 2019 година. Причината за тоа е намалувањето на побарувачката на бензините во САД поради невидените рекордни високи цени, што го поттикнува растот на цените на американскиот пазар, додека ограничената понуда ја поддржува цената во Лондон.