Македонија со „Најсреќниот човек на светот“ на Стругар Митевска на Венецијанскиот филмски фестивал

Македонија после многу години се враќа на Венецијанскиот Филмски Фестивал со филмот „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска. Ова е прво учество на Македонија со мнозински проект во една од официјалните натпреварувачки програми на еден од трите најголеми фестивали во светот – Венеција, после речиси триесет години.

По успехот на вонсерискиот „Пред Дождот“, Манчевски ја имаше честа со својот нареден филм „Прашина“ да го отвори фестивалот. Конечно по долго време, повторно имаме филм во Венеција, овој пат во програмата Хоризонти, каде филмот ќе се натпреварува за низа награди за најдобра режија, најдобар филм, улоги и други важни признанија.

„За мене е голема чест да се биде дел од најстариот и еден од највлијателните фестивали на светот, возбудата и радоста се големи. Соочувањето со публиката е клучниот елемент во нашето создавање.

Овој филм го гледам како симфонија на кореографирани движења кои ги размотуваат слоевите на емоции, полека обвивајќи го гледачот до точка на вртоглавица. Локацијата е клучна: хотел во стилот на осумдесеттите, сведок на архитектонскиот стил од бивша Југославија: бетонски брутализам или модернизам, а потоа тука е ранетиот град Сараево, сведоштво за отворените рани и болките од минатото. Тука се поставуваат прашањата, што нè одредува: нашата етничка, религиска или родова припадност? Што нè раздвојува или спојува? Ова е приказна за непредвидливоста на животот, случајните средби помеѓу напаѓачот и жртвата, оживувањето на болното минато; ова е приказна за невозможни спојки, за љубовта и апсурдноста. Филмот започнува како хумористична екскурзија и се развива во планина од наслоени искуства. Филмот е базиран на вистинска приказна и тоа директно од авторот на сценариото Елма Татарагиќ“– изјави Теона Стругар Митевска.

„Најсреќниот човек на светот“ е филм кој всушност говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да се може да се продолжи со животот во мир после војна. Сараево четири години беше под опсада и тероризиран со снајперски истрели со огромен број невини жртви. Овој филм говори за Асја, четириесет годишна жена која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но тој не е дојден таму во потрага по љубов.

„Македонскиот филм ниже успеси, доказ за тоа се бројните учества на реномирани фестивали, како и номинациите и наградите кои ги добиваат. Можам нескромно да кажам дека македонските филмаџии веќе имаат стил кој се препознава во светски рамки. Самата селекција во натпреварувачката програма на Венецијанскиот фестивал за „Најсреќниот човек на светот“ е огромен успех, сам по себе. Очекуваме пред сè одлично претставување, но се надеваме и на награди, бидејќи веруваме во овој филмски проект“. – истакна директорот на Агенција за филм, Бојан Лазаревски.

Во меѓувреме, Сестри и брат Митевски продукција ја продолжи соработката со еден од најголемите светски продажни агенти, францускиот „Пирамид“ кој застанува зад филмови кои ја одбележуваат врвната европска кинематографија во последните неколку децении.

“Лично, имам многу силна сентиментална врска со Венецијанскиот фестивал. Таму, уште како тинејџерка, прв пат стапнав на црвениот килим и бев неповратно маѓепсана и досега се немав вратено со свој филмски проект и се разбира дека чувствувам неверојатна возбуда од самата помисла дека „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска ме носи повторно на Лидо, на еден од трите најзначајни и најпрестижни фестивали. Овој пат сме поканети во престижната, авторски ориентирана програма Хоризонти и некако ни се потврдува дека истрајноста на Теона да говори со свој филмски јазик е интригантна за најголемите светски филмски собири” изјави Лабина Митевска, продуцент на филмот.

Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.