
На Волстрит во понеделникот се тргуваше претпазливо, бидејќи вложувачите не сакаат да ризикуваат пред очекуваното ново зголемување на каматните стапки на американската централна банка Federal Reserve (Fed) и деловните извештаи на низа технолошки гиганти, на берзанските индекси забележаа само благи придвижувања.
И на европските берзи вчера се тргуваше внимателно. Така лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,41 отсто, на 7.306 поени, парискиот CAC скокна за 0,33 отсто, на 6.237 поени, а фракфуртскиот индекс DAX, пак, се лизна за 0,33 отсто, на 13.210 индексни поени.
Во Њујорк, пак, до утрото по европско време индексот Dow Jones зајакна за 90 поени или за 0,28 отсто, на 31.990 поени, S&P 500 порасна за 0,13 отсто, на 3.966 поени, а Nasdaq индексот, пак, падна за 0,43 отсто, на 11.782 индексни поени.
Благите осцилации на индексите е последица на претпазливоста на вложувачите пред дводневната седница на челниците на американската централна банка која почнува во среда и на којашто, според очекувањата, повторно ќе бидат зголемени клучните каматни стапки за 0,75-процентни поени.
Бидејќи инфлацијата во САД се движи на највисоките нивоа по повеќе од 40 години, Fed од март на секоја седница ги зголемуваше каматите, а тоа доведува до забавување на растот на американската економија. Вложувачите стравуваат и дека би можела дури да потоне во рецесија.
Поради тоа, оваа седмица во фокусот ќе бидат и податоците за американскиот бруто домашен производ (БДП) во вториот годинешен квартал. Се очекува благ раст на тримесечно ниво, но не би било изненадување доколку се покаже дека американската економија паднала на квартално ниво второ тримесечје со ред, што би значело дека најголемата светска економија по обемот е во рецесија.
Покрај тоа, оваа седмица се очекува бранот деловни квартални извештаи на низа компании, Резултатите ќе ги објават околу 170 компании од составот на S&P 500 индексот, меѓу кои и технолошките гиганти, како што се „Microsoft“, „Apple“, „Alphabet“, „Amazon“…
Досега извештаите ги објавија повеќе од 100 компании од составот на S&P 500 индексот, при што 75 отсто од нив оствариле поголема заработка отколку што се очекуваше. Во анкетата на Reuters аналитичарите проценуваат дека компаниите од составот на овој индекс во вториот годинешен квартал ќе остварат за 6,1 отсто поголема добивка отколку во истиот лански период.