Променливо облачно и нестабилно, температурите во пад

Времето во Македонија во четвртокот, од пладнето и рано попладнето, ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, силен ветер и услови за изолирана појава на град. УВ индексот ќе изнесува 7.

Температурите ќе бидат во опаѓање, утринските се движат од 13 до 22 степени во зависност од регионот, а дневните максимални ќе достигнат од 30 до 37 Целзиусови степени.

Во Скопје и околината денеска, исто така, ќе биде облачно со попладневни врнежи. Темературата утрово достигна 19, а во текот на денот се очекува да се искачи до 33 Целзиусови степени.

Во петок ќе настапи преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот во попладневните часови ќе има изолирана појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Од недела ќе дува засилен северен ветер и ќе има дополнително опаѓање на температурата.