Во земјотресот на Филипини пет мртви и 130 повредени, значителни материјални штети

Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос помладиот во четвртокот ја прегледуваше штетата предизвикана од силниот земјотрес во северните покраини во кој смртно настрадаа најмалку пет луѓе, повеќе од 130 се повредени, а земјотресот предизвикал и значителни материјални штети.

Земјотресот со магнитуда 7 според Рихтер го погоди во средата планинското подрачје Кордиљери и предизвика свлечишта и одрони на карпи. Во тресењето оштетени се стотици куќи и згради и прекинати се електричните и комуникациските водови.

Претседателот Маркос ја посети покраината Абра, каде што беше епицентарот на земјотресот, за да ги посети настраданите од кои многумина изминатата ноќ ја минаа под отворено небо во страв од стотиците последователни потреси на почвата, изјави министерот за социјална нега Ервин Тулфо.

„Претседателот, исто така, сака лично да сведочи на потрагата и спасувањето, како и операциите за помош на агенциите за жртвите на земјотресот“, додаде Тулфо.

Националната агенција за природни катастрофи соопшти дека пет лица загинала, главно погодени од урнати делови од куќите, а 131 лице е повредено од земјотресот кој бил почувствуван дури во оддалечената област на главниот град Манила.

Околу 13.000 луѓе се погодени од потресот, кој оштетил десетици болници, училишта, владини канцеларии, а коловозите и мостовите се испукани.

Филипини се наоѓаат на сеизмички многу активна зона. Во потресот со магнитуда од 7,1 во октомври 2013 година загинаа над 220 луѓе, и тој беше последниот посилен и посмртоносен земјотрес. Во јули 1990 година повеќе од 2.400 луѓе загинаа на североистокот на островот Лузон во земјотресот со магнитуда од 7,9, еден од најсилните кои некогаш ги погодиле Филипини.

Двата најголеми светски архипелага Индонезија и Филипини, се дел од таканаречниот Пацифички огнен прстен, плоча која е формирана на дното од Индискиот и западниот дел од Тихиот Океан, која на ова место навлегува под Азиската плоча. Како резултат на движењето на овие две плочи на териториите на овие две земји се чести земјотресите и вулканските ерупции. Со тоа овој регион е една од сеизмички најактивните зони на планетата.

Во овој дел од светот се наоѓаат најактивните тектонски плочи, од кое едната се движи со брзина од седум сантиметри годишно. Годишно сеизмолозите регистрираат меѓу шест и седум илјади потреси со магнитуда над 4,0. Во декември 2004 година, катастрофален земјотрес со јачина од 9,2 степени крај Суматра предизвика цунами во коешто загинаа над 230.000 луѓе во десетина земји.