Лавров го потсетил Блинкен дека САД ги кршат гаранциите за санкциите на храната

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во петокот во текот на телефонскиот разговор, прв по почетокот на војната во Украина, го потсетил американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека Вашингтон не се придржува на прашањето за изземање од санкциите храната, во случајов од резервите од Русија за што САД сега ја обвинуваат Москва дека наводно предизвикува глобалната криза.

Руското министерство за надворешни работи во соопштение за јавноста наведува дека Лавров му предочил на Блинкен дека Русија ќе ги постигне задачите во нејзината, како што Москва ја нарекува, „изнудена и превентивна специјална воена операција“ во Украина и дека испораките на оружје на западните земји, во прв ред од САД, на Киев само ќе го продолжи судирот.

Лавров притоа му рекол на Блинкен дека „континуираното пумпање на американско и НАТО оружје во војската на Украина само ја продолжува агонијата на начин што режимот во Киев го продолжува судирот и со тоа ги умножува жртвите“, според објавата на руското министерство за надворешни работи.

Блинкен, пак, на прес-конференција во Вашингтон изјави дека на Лавров му пренел дека „светот очекува Русија да ги исполни своите обврски“ од договорот со Украина договорен на 22-ри јули во Истанбул, и се однесува на извозот на житарки блокирани поради војната во црноморските украински пристаништа и „ја продолжува светската прехранбена криза“.

Всушност, поради инсистирањето на Киев, Украина и Русија не потпишаа меѓусебен договор за ова прашање, туку двете земји потпишаа два одвоени договора со Обединетите нации.

Лавров на забелешката на Блинкен одговорил дека прехранбената ситуација во светот ја компликуваат американските санкции кои оневозможуваат исплати и осигурувања на товарите со стоки од Русија.

Американскиот прв дипломат, исто така, ги предупредил Лавров Москва да не продолжува со плановите за анексија на делови на Украина.

„Светот нема да ги признае анектираните делови. Ќе воведеме дополнителни значителни оптоварувања за Русија, доколку продолжи со своите планови“, истакна Блинкен информирајќи за текот на својот денешен телефонски разговор со шефот на руската дипломатија.