
Народноослободителната армија на Кина започна во саботата со маневри во близина на брегот на источната провинција Фуџијан, лоциран преку теснецот директно наспроти Тајван, соопшти командата за поморска безбедност на округот Пингтан.
Командата издаде предупредување според кое од утрото до вечерта по локално време во споменатата област ќе се одржуваат поморски маневри при што борбените бродови вклучени во неа ќе изведуваат стрелби со боева муниција, поради што се предупредени сите пловила и е забрането впловувањето во овој акваториум.
Покрај тоа, кинеската армија од петокот спроведува вежби во западниот дел на теснецот Чионгжу, кој ја дели јужната провинција Гуангдонг од островот Хианан, како и во акваториумот југоисточно од островот Даваншан, јужно од брегот на Гуангдонг.
Маневрите се одржуваат во пресрет на одбележувањето на 95-годишната од формирањето на кинеската армија, како и предупредување за најавената посета на Тајван на претседателката на американскиот Претставнички дом, Ненси Пелоси. Тоа отстапува од досегашната практика на САД во договор со Кина, на островот кој Пекинг го смета за своја одметната провинција да не испраќа највисоки функционери, а Пелоси е третата личност во сукцесорската линија во Вашингтон.
Пелоси во моментов ја започна својата азиска турнеја во чии рамки ќе ги посети Јапонија, Јужна Кореја, Малезија и Сингапур. Од нејзиното опкружување беше најавено дека има намера и да го посети Тајван, но самата таа одби да коментира во врска со оваа тема, повикувајќи се на безбедносни причини.
За можната посета на Пелоси на Тајван се зборуваше уште во април, но потоа таа ја откажа азиската турнеја, поради наводна ненадејна инфекција со коронавирусот. Американските медиуми тогаш пишуваа дека кинеските дипломати биле упорни да ги предупредат американските конгресмени на жестока реакција од Пекинг доколку Пелоси го посети островот.
Тајванското прашање во односите меѓу Вашингтон и Пекинг повторно дојде во фокусот во заднината на војната во Украина. Кина притоа истакнува дека од историски и политички причини не е соодветна никаква аналогија меѓу двата невралгични региони и остро бара до САД да не се мешаат во нејзините внатрешни работи.
Вашингтон формално гои почитува начелото „една Кина“ и нема воспоставено дипломатски односи со Тајпеј, но според своите закони мора на островот да му го осигури правото на самоодбрана, што подразбира големо финансирање и вооружување.