
Засилениот сообраќај поради сезоната на годишни одмори во саботата во Франција предизвика до големи гужви на патиштата, особено на правците кои водат кон Средоземјето и Атлантскиот Океан каде се создале колони долги околу 800 километри.
Околу пладнето во саботата автомобилите стоеле во колони ширум Франција, а колоните се протегаат во вкупна должина од 800 километри, соопштија властите.
На Автопатот 7, кој води низ долината на реката Рона, на возачите им биле потребни повеќе од пет часа да ја изминат делницата од Лион до Оранж. Инаку, за минување на ова растојание во вообичаени услови потребни се околу час иполовина, објави „Vinci“, компанијата оператор со автопатите.
Викендот на преминот од јули на август традиционално е периодот на гужвите на главните патни правци во Франција. Причината за тоа е смената на оние кои патуваат кон југот и оние кои се враќаат по одморот во внатрешноста на земјата.
Годинава, сепак, овие колони и застои се помали отколку лани, кога во истиот период возачите чекаа во колони долги и до илјада километри.