
Стотици пожарникари се борат во неделата со пожарот кој беснее недалеку од португалската престолнина Лисабон, а гаснењето го отежнуваат силните ветрови и високите температури.
Со помош на канадери од воздух и 123 возила на теренот, повеќе од 400 пожарникари се ангажирани на гаснењето на пожарот кој избувнал во планинската област на општината Мафре во неделата околу 15 часот по локално време.
Голем облак од црн чад се формирал над населбата Венда до Пињеиро, а властите морале да затворат неколку патни правци и да евакуираат дом за пензионери. Многу жители ги напуштиле своите домови. Чадот можело да се види од центарот на Лисабон, околу 33 километри појужно.
Во Португалија беснеат уште пожари, како оној во централната општина Оурем, каде што стихијата пред две седмици уништи илјадници хектари. Во гаснењето на пожарите ширум земјата учествуваат повеќе од 1.000 пожарникари.
Во три окрузи на северот на земјата во понеделникот ќе биде прогласена „црвена тревога“ поради големите горештини.