Пелоси не ја известила Белата куќа за посетата на Тајван, но САД ја предупредуваат Кина

Претседателката на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Ненси Пелоси, има право да го посети Тајван, иако таа не ги потврдила своите планови пред администрацијата на претседателот Џо Бајден, изјави во понеделникот координаторот за стратешки комуникации при Советот за безбедност во Белата куќа.

Претходно во понеделникот, иако тоа никогаш во најавите на азиската турнеја на Пелоси не беше децидно потврдено а најавено уште во април, тајвански и американски медиуми објавија дека една од највисоките политички фигури во САД во среда ќе допатува во Тајван на средба со тамошниот политички и воен врв. Кина на таквите потези остро реагира секогаш, а овојпат предупреди дека ќе следува жесток одговор па дури и со операции кои ќе го спречат патувањето.

Министерството за надворешни работи на Тајван сѐ уште не ги потврди медиумските извештаи.

„Претседателката на Претставничкиот дом на САД има право да го посети Тајван, а претседател на Претставничкиот дом веќе претходно го посетувал Тајван без инциденти“, изјави за новинарите Кирби.

„Спикерката на законодавниот дом не ги потврдила своите планови на американската администрација да го посети Тајван“, додал советникот за национална безбедност на Белата куќа.

Кирби, исто така, истакна дека според САД, Кина нема причина да ја користи посетата на Пелоси на Тајван како изговор за агресија врз островот.

Азиската турнеја на Пелоси, во чија програма се посети на Сингапур, Јапонија, Јужна Кореја и Малезија, доби големо внимание во светот по извештаите за нејзината посета на Тајван. Доколку посетата на Пелоси на Тајпеј се оствари, тоа ќе биде првата по 1997 година претседател на Претставничкиот дом на САД, кој е третиот во сукцесиската линија во американското претседателство.

Вашингтон, кој од Пекинг доби предупредување дека посетата на Пелоси на островот, кој Кина го смета за одметната своја покраина, претставува „играње со оган во кое ризикува да се изгори“, ја уверува кинеската страна дека се придржува до статус-квото и принципот на „една Кина“. Меѓутоа, американската администрација се огради од можната посета, наведувајќи дека Пелоси самостојни ги носи одлуките за своите патувања.

Истовремено во понеделникот американскиот државен секретар Ентони Блинкен порача дека Пекинг „мора да се однесува одговорно“ и да не „создава тензии“ доколку Пелоси ја оствари посетата на Тајван.

„Доколку спикерката (на Претставничкиот дом) се одлучи на посетата, а Кина се обиде да создаде некој вид криза или на друг начин ги ескалира тензиите, одговорноста целосно ќе падне на Пекинг“, се закани Блинкен пред новинарите.

Истакна дека Пелоси самата ќе ја донесе одлуката дали ќе го посети островот, бидејќи Конгресот е независна институција. Според Блинкен и порано американски законодавци и претходно го посетувале Тајван. Меѓутоа, долгогодишна практика на Вашингтон е највисоките државни функционери да не одат во посета на Тајпеј, во кој ранг е и челникот на Претставничкиот дом.