
Посетата на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот конгрес Ненси Пелоси на Тајван предизвика жестоки осуди од Кина, која започнува воени маневри во истиот акваториум, а САД истовремено распоредуваат четири воени бродови, меѓу кои и носач на авиони, кои се позиционираат во водите источно од островот во „рутинско“ распоредување.
Носачот на авиони „USS Ronald Reagan“ го мина Јужнокинеското Море и моментално плови во ткн Филипинско Море, источно од Тајван и Филипини, и јужно од Јапонија, соопштија во вторникот од американската воена морнарица. Ова пловило, инаку, постојано е стационирано во Јапонија, а е придружувано од ракетниот крстосувач „USS Antietam“ и разурнувачот „USS Higgins“.
„Иако се во состојба да одговара на кој и да е случај, ова се нормални рутински распоредувања“, рекол за Reuters функционер на американската воена морнарица кој зборувал под услов да биде анонимен и додал дека не може да ги коментира точните локации.
Додал и дека амфибискиот јуришен брод „USS Tripoli“, исто така, се наоѓа во тоа подрачје во рамките на распоредувањето кои започнало во мај, од матичното пристаниште во Сан Диего.
Се очекува Пелоси, која во најголем дел од својата политичка кариера ја критикува Кина, ќе пристигне доцна вечерта во Тајпеј, рекле американски извори за Reuters порачувајќи дека САД „нема да бидат престрашени од кинеското ѕвецкање со оружје во текот на нејзината посета“.
Во вторникот американски извори велат дека се забележува активна присутноста на кинеските воени авион и бродови во близина на средишната линија на Тајванскиот теснец. Пекинг претходно објави дека во вторникот утрото ги започнува воените вежби на своите поморски сили во тоа подрачје.
Во приправност се и тајванските борбени авиони. Тајванското министерство за одбрана го подигнало нивото на својата борбена приправност од вторникот утрото до четвртокот попладнето, извести во вторникот службената тајванска новинска агенција CNA, повикувајќи се на неименувани извори.
Во југоисточниот кинески град Ксиамен, кој се наоѓа наспроти Тајван и во чиј акваториум минатата седмица воената морнарица изведе маневри со боева муниција, забележано е движење на оклопни возила .
Кинеските социјални мрежи се полни со патриотски објави поради можниот воен судир и обединувањето со Тајван. Некои регионални аналитичари предупредуваат дека распоредувањето на сили во време на политичките тензии го зголемува ризикот од суди, дури и доколку ниедна од страните тоа не го посакува.