
Почетокот на гласањето на далечина за изборот на новиот челник на владејачката Конзервативна партија, следствено и британски премиер, е одложен поради опасност од хакирање, објави во вторникот ноќта весникот The Telegraph.
Во гласањето меѓу членовите на владејачката Конзервативна партија, 200.000 делегати ќе го изберат партискиот челник, кој автоматски ќе стане нов британски премиер. За разлика од 2019 година, кога досегашниот премиер Борис Џонсон беше јасен фаворит, сега многу потешко може да се предвиди крајниот резултат. Според анкетите, може да се насети дека поранешниот министер за финансии Риши Сунак ќе биде победен во соочувањето со актуелната министерка за надворешни работи Лиз Трас.
Победникот ќе биде познат до 5-ти септември, кога британскиот парламент ќе продолжи со работата по летната пауза.
Според информациите на весникот, почетокот на процесот на гласањето на ториевците било одложено откако британскиот владин центар за комуникации GCHQ, одговорна институција за заштита на информациите на владата и вооружените сили, предупредила на можноста хакери да влијаат врз промена на гласовите.
Се додава и дека гласачките ливчиња за гласањето по пошта, кои требало да пристигнуваат до членовите на Конзервативната партија од понеделникот, наводно сѐ уште не се испратени.
Весникот пишува дека остануваат две варијанти за гласање – по пошта и преку интернет, но според новиот систем единствениот код на секој член на Конзервативната партија ќе биде деактивиран откако тој ќе гласа. Тоа значи дека ќе биде оневозможено да се промени донесената одлука. Како што се нагласува во прилогот на The Telegraph, првичниот начин на гласање ја оставил отворена можноста хакерите да можат да прелеат голем број гласови.