Во Тетово ќе се произведуваат електрични возила

Првиот вицепремиер Артан Груби објави дека домашната интернационална компанија „Еколог“ ќе произведува електрични возила со Next e.Go Mobile во Тетово, а инвестицијата ќе биде 720 милиони евра.

„На годишнината од Охридскиот мировен договор, во сабота на 13 август ќе поставиме камен-темелник на новата фабрика со современа технологија за производство на електрични возила во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово.

На денешната владина седница одобривме државна помош за оваа инвестиција од 720 милиони евра, со што се отвораат 3000 до 4000 нови работни места“, напиша министерот за политички систем без да прецизира колкава ќе биде државната помош.

Домашната интернационала компанија „Еколог“ која оперира во светски рамки, на својата адреса во Тетово на улица „Индустриска“ ја доби како новорегистрирана германската старт-ап компанија Next e.Go Mobile позната по тоа што се занимава со производство на мали електрични возила.

Оваа компанија пред точно една година објави дека ќе инвестира 140 милиони евра во производство на електрични возила во Бугарија. Оваа вест ја потврди тогашниот бугарскиот министер за економија Кирил Петков, а доскорешен премиер на Бугарија.

Фабриката ќе се отвори во 2023, а истата ќе се наоѓа северно од градот Ловеч. Во истата ќе работат околу илјада работници. На потпишувањето на меморандумот беше и Али Везвеи, прв човек на Next e.Go, кој исто така е и извршен директор на тетовската компанија Ecolog International.