
Според првичните податоци на истрагата, завчера во 15.30 часот, Вук Бориловиќ (34) дошол на катот од куќата во која живело семејството Мартиновиќ, како кираџии. Дома биле само децата и нивната мајка. Сопругот на Наташа, и таткото на децата, во тој момент не бил дома. Наводно, расправијата се случила за киријата – никој не знае точно како и што.
Бориловиќ земал оружје и пукал – прво во децата, кои се обиделе да се сокријат зад вратата, а потоа и кон Наташа. Децата починале на лице место, а несреќната жена им подлегнала на повредите во болница.
Жители на Цетиње на социјалните мрежи почнаа да споделуваат фотографии од убиеното семејство.
Според црногорските медиуми, тогаш Бориловиќ телефонски му се јавил на сопругот на Наташа, Милош и му рекол: „Го убив и твоето и моето семејство“.
Влегол во домот на соседите, семејството Дрецун, почнал да пука и таму убил три лица (Данијела, Димитрије и Рајко Дрецун), а потоа пукал и тешко ги ранил нивниот внук Александар Дрецун (32).
Продолжил да пука – не ги поштеди ниту вујко му Горан Ѓуришиќ, ниту соседите Милан Митровиќ, Александра и Данијела Радуновиќ. Потоа продолжил и повредил уште четворица соседи, како и полицаецот Љубиша Максимовиќ, кој се обидел да го задржи.
Крвавиот масакр го спречил Ненад Калуѓеровиќ, мештанин кој почнал да пука кон него и го убил.
Се вели дека Бориловиќ и самиот е татко на три деца. Неговата сопруга и децата на кобниот ден не биле дома, туку во Херцег Нови. Бориловиќ работел во Националниот парк Ловќен, велат дека бил мирен и повлечен човек, но дека во последно време видно се променил.
– Се однесуваше како волк самотник, рекол еден од неговите колеги.