
Северна Кореја рано утрото во средата истрелала две крстосувачки ракети од близина на градот Унчон во провинцијата Пјонганам-до,на западниот брег, соопштија јужнокорејски воени извори.
Изворот на агенцијата Yonhap рекол дека јужнокорејската армија во саработка со САД ги анализираат деталите за летот на проектилите, вклучително и дострелот до Жолтото Море, како и дека ја одржуваат борбената готовност.
Вклучувајќи го и лансирањето на ракетата во средата, Северна Кореја веќе изврши вкупно 18 тестови на балистички или крстосувачки ракети во 2022 година, со исклучок на тестовите на повеќекратни ракетни системи за лансирање. Покрај тоа, се претпоставува дека Пјонгјанг се подготвува за нуклеарен тест, прв по 2017 година.
Агенцијата Yonhap истакнува дека во средата во Јужна Кореја се одбележуваат 100 дена од инаугурацијата на претседателот Јун Сеок-јол. Покрај тоа, во вторникот започнаа подготовките на заедничките големи воени јужнокорејско-американски маневри „ Ulchi Freedom Shield“ кои официјално ќе се одржуваат од 22-ри август до 1-ви септември.
Ваквите традиционални големи заеднички вежби последните години беа редуцирани, поради обидите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да постигне договор со Северна Кореја за денуклеаризација на Корејскиот полуостров и поради пандемијата на Covid-19. Во Пјонгјанг секогаш предупредуваат дека тие се вежби за инвазија врз Северна Кореја и редовно одговараат со лансирање балистички проектили.
Во вторникот Пентагон соопшти дека САД, Јужна Кореја и Јапонија минатата седмица одржале вежби за одбрана од балистички проектили близу брегот на Хаваи, први такви по 2017 година кога односите меѓу Сеул и Токио паднаа на најниското ниво по повеќе години.