Примера: Лесен триумф на Реал во Виго

На уверлив начин фудбалерите на мадридски Реал го минаа гостувањето во Виго каде ја совладаа домашната Селта со 4:1 во натпреварот од второто коло на шпанското првенство.

Првите два погодока на мечот во Виго беа постигнати од белата точка. Карим Бензема во 14 минута го доведе Реал во водство, а во 23 та на ист начин израмни најдобриот стрелец на домашните Иако Аспас.

Во 41 минута мадридските „Кралеви“ повторно дојдоа во водство кога Лука Модриќ се ослободи од еден од чуварите и одлично погоди од 20-ина метри. Во 56 минута, пак, Хрватот во контранапад го испрати Винициус Жиниор кој акцијата ја заврши со гол а десет минути подоцна Федерико Валверде ги постави конечните 4:1 за Реал.

Реал со подобра гол разлика ги предводи тимовите кои имаат максимални шест бодови, а во која се уште и Реал Бетис и Осасуна. Селта остана на еден освоен бод и моментално е 14-та.

Реал Бетис ја оствари втората победа сезонава на гостувањето кај Мајорка со 2:1. Двата погодока за гостите од Севилја ги постигна Борха Илгесиас, и во двата случаи во 9 и 73 минута од пенал. Ведар Муричи во 56 минута привремени израмни за Мајорка која остана на еден бод освоен во првото коло и е 12-та.

Со два реализирани пенала до победата дојде и Осасуна на домашен терен против Кадиз. Во 37 минута ударот од белата точка во водство го претвори Езекиел Авила а по прекршокот и исклучувањето на Томас Аларкон во 76 минута три минути подоцна пенал реализираше за домашните и Кике Гарсија. Кадиз и во вториот дуел не успеа да дојде барем до првиот бод сезонава.

Во недела играат Атлетик Билбао – Валенсија, Атлетико Мадрид – Вилјареал и Реал Сосиедад – Барселона, а во понеделникот колото ќе го заокружат дуелите Елче – Алмерија и Жирона – Хетафе.