
Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да отвори случај по допрен глас, како Зекир Рамчиловиќ од СДСМ си ги вработи сопругата и синот во Министерсвото за внатрешни работи, истакна на денешната прес-конференција Тони Јаревски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Откако стана пратеник од СДСМ, Зекир Рамчиловиќ првин си ја вработи сопругата на висока позиција во МВР, а сега и синот го вработи како полицаец. Во рок од нецели три години, двајца членови на семејството Рамчиловиќ се вработени во МВР, и сето тоа откако истиот е пратеник од СДСМ“, рече Јаревски.
Посочи дека вработувањата на сопругата и синот на Рамчиловиќ се совпаѓаат со периодите во кои тој гласаше за сите „национални предавства“.
„Оттаму се поставува прашањето, дали гласот на Рамчиловиќ за промена на името и за бугаризацијата за која гласаше неодамна се причината за кариерите на неговата сопруга и син? Штетата за Македонија очигледно е лична корист за Рамчиловиќ“, констатираше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ
Апелираше ДКСК веднаш по допрен глас да отвори случај за двете вработувања на сопругата и синот на Рамчиловиќ во МВР, за кои постои основано сомнение дека се резултат на сериозно вмешување на политиката во институцијата, односно преку притисок на СДСМ и лично министерот Оливер Спасовски.
„Спасовски треба да каже по кои критериуми се вработени двајцата членови на семејството Рамчиловиќ во МВР“, рече Јаревски.
„Зекир Рамчиловиќ истовремено да не ја злоупотребува етничката припадност како бошњак, како услов за вработување, зошто на Бошњаците, но и на сите граѓани на Македонија чии деца секојдневно ја напуштаат државата и одат на работа во странство им е преку глава од таквите како Рамчиловиќ, кои на грбот на политиката и со злоупотреба на етничката припадност иселија стотина илјади Македонци, Албанци, Бошњаци, Срби, Роми, Турци во изминативе речиси шест години. Очекуваме одговори, истрага и одговорност. ДКСК да не чека на совеста на Рамчиловиќ или Спасовски бидејќи истата ја немаат“, рече Јаревски.