Јаневска: Повторно скандал во образованието, поради неисполнување на обврската на омилената печатница на ДУИ и СДСМ

Училишната година одвај заврши во август, ако за крај на година се смета церемонијата за доделување на свидетелствата, уписите во средно се одвиваа скандалозно, наместо свидетелства се приложуваа слики од Е-дневникот, и сега годината може да доцни со почеток затоа што нема главни книги за училиштата, истакна во средата Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во ист работен ден училиштата добија известување од Бирото за развој на образованието дека треба да ги подигнат главните книги за учебната 2022/2023 година, за потоа доцна попладнето повторно да бидат известени да не бараат Главни книги, бидејќи има грешки во печатењето и поради тоа главните книги ќе треба да се препечатат“, рече Јаневска.

За печатењето, почитувани, повторно е фирмата „Арберија“, додаде Јаневска, означувајќи ја како „спонзор“ на владејачката ДУИ.

Појасни дека грешката во Главните книги се состои во испревртени страници без никаков редослед на описно и бројно оценување, без редослед на реден број на учениците.

„Според договорот од први август годинава, ‘Арберија Дизајн’ од Тетово, омилената печатница на ДУИ/СДСМ се обврзува дека педагошката документација и евиденција ќе испорача за пет дена по нарачката од Бирото за образование. Бирото како нарачател се обврзува да направи претходна контрола на техничката подготовка за печатење, квалитетот на печатените материјали и писмено одобрение за дистрибуција“, цитираше Јаневска.

Запраша дали виновникот за тоа е споменатата компанија којашто не сработела како што треба по контролата од Министерството за образование или, пак, потфрлила контролата.

„Доколку Арберија не го испочитувала договорот за квалитетна навремена испорака, според договорот тоа повлекува реализација на членот 7 од договорот, односно банкарската гаранција којашто се активира, цитирам: во случај на несовпаѓање на техничките и квалитативните карактеристики на испорачаните печатени материјали, се повлекува сериозна одговорност! Прво повлекување на банкараската гаранција, а потоа одговорност на печатницата.

Доколку Министерството односно Бирото не направиле контрола, тогаш повторно потребна е сериозна персонална одговорност кој тоа дозволил печатење на ваков неупотреблив материјал и на чиј трошок ќе се спроведе препечатува на главните книги?!“, појасни Јаневска.

Оцени дека „образованието и Македонаја тонат“ и криминалот „цути“, дека образование повечќе не смее да биде жртва на бизнис интересите на ДУИ и СДСМ!

„Образованието не смее да биде зад журките и спонзорите на ДУИ и СДСМ, тоа треба да биде на прво место. На ова мора да има крај“, заклучи Јаневска.