Азиските берзи го следат растот на Волстрит, доларот стабилен а цените на нафтата растат

На азиските пазари во петокот цените на акциите пораснаа, како и на Волстрит ден претходно, додека вложувачите се во исчекување на пораките на американската централна банка Federal Reserve (Fed), Џером Пауел за економската ситуација, инфлацијата и каматните стапки.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции без јапонските, околу 7 часот беше во плус од околу 0,6 отсто, па е на патот да оствари седмична добивка од 0,4 отсто. Утрово на Токиската берза индексот Nikkei зајакна за 0,7 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја, Хонгконг и Австралија пораснаа за меѓу 01, и 1 отсто.

Азиските вложувачи се охрабрени во петокот од вчерашниот раст на трите главни индекси на Волстрит, за што најмногу придонесе растот на цените на акциите на технолошките гиганти, како и ревидираниот податок кој покажа дека американскиот бруто домашен производ (БДП) во второто годинешно тримесечје паднал помалку отколку што првично се проценуваше, што ги ублажи стравувањата од подлабока рецесија.

Повеќето аналитичари очекуваат остар дон во говорот на Пауел, бидејќи тој сака да ги сузбие инфлациските очекуваа, но некои се надеваат дека би можел да порача дека Fed ќе го ублажи зголемувањето на каматите, откако од почетокот досега ги зголеми за 2,25 процентни поени, бидејќи економскиот раст забавува.

А на валутните пазари вредноста на доларот кон кошницата валути е стабилна пред говорот на челникот на американската централна банка. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската валута кон другите шест најважни светски валути, се движи околу 108,50 поени, како и вчера во истиот период од тргувањето. Од почетокот на седмицата зајакна за речиси 0,4 отсто.

Утрово курсот на доларот кон јапонската валута се лизна од вчерашните 137,19 на 136,70 јени.

Меѓутоа, американската валута благо зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 0,9965 долари, додека вчера во истиот период од тргувањето изнесуваше 0,9970 долари.

Цените на нафтата, пак, пораснаа по вчерашниот остар пад. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово зајакна за 0,50 отсто, на 99,87 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапи за 0,48 отсто, на 96,05 долари.