Раст на Волстрит втор ден со ред

На њујоршки Волстрит берзанските индекси во четвртокот повторно пораснаа, втор ден со ред, додека инвеститорите се во исчекување на говорот на американската централна банка Federal Reserve (Fed), Џером Пауел, за економската ситуација, инфлацијата и каматните стапки.

Индексот Dow Jones зајакна за 0,98 отсто на 33.291 поен, S&P 500 порасна за 1,41 проценти нa 4.199 поени, а индексот Nasdaq скокна за 1,67 отсто на 12.639 индексни поени.

Во сите најважни 11 сектори од S&P 500 индексот, цените на акциите вчера пораснаа, а најмногу во рударскиот и комуникацискиот, за повеќе од 2 отсто.

За растот на индексите најмногу придонесе растот на цените на акциите на технолошките гиганти како „Amazon“, „Alphabet“, „Apple“ и „Microsoft“, кои имаат голем идел во индексите.

Поддршка на пазарот му даде и ревидираниот податок кој покажа дека американскиот бруто домашен производ (БДП) во второто годинешно тримесечје паднал помалку отколку што првично се проценуваше, што ги ублажи стравувањата од подлабока рецесија.

Но дали пазарот ќе ја заврши седмицата во добивка или загуба најмногу зависи од говорот на челникот на Fed во петокот на конференцијата на централните банкари во Џексон Хол.

За да ја сузбие најголемата инфлација во САД по повеќе од 40 години, централната банка од март ги подигна каматите за 2,25 процентни поени, а сосема е јасно дека ќе ги зголеми и во септември. Прашање е само дали каматите ќе бидат зголемени за 0,50 или за 0,75 процентни поени. Поради тоа, вложувачите внимателно ќе ги следат изјавите на Пауел за инфлацијата, каматите и ситуацијата во економијата.

А натамошното заострување на монетарната политика дополнително ќе го забави растот на американската економија, која и онака технички е во рецесија, имајќи предвид дека благо падна две тримесечја со ред на квартално ниво.

По остриот пад во првата половина од годината, S&P 500 индексот порасна за околу 13 отсто од средината на јуни. Но од почетокот на годината и натаму е во минус од околу 12 отсто, а индексот Nasdaq од околу 19 отсто.

И на најголемите европски берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонскиот FTSE зајакна за 0,11 отсто на 7.479 поени, а франфуртскиот DAX за 0,39 отсто на 13.271 поени. Парискиот индекс CAC, пак, ослабе за 0,8 отсто на 6.381 индексен поен.