Во Пентагон забележуваат дека Украина „на хартија“ го бележи оружјето испорачано од САД

Украинските власти на хартија ги евидентираат испораките на оружје од САД кое пристигнало во земјата и не секогаш може да кажат каде тоа ќе заврши, вели за агенцијата Bloomberg вршителот на должноста генерален инспектор на Пентагон, Шон О’Донел.

„Во НАТО, како што се чини, се уверени дека трансферот на оружје бил спроведен на доволно безбеден начин. Колку што можеме да кажеме, во моментов, се што може да пука и експлодира потполно се користи. Но неопходно е тоа да се провери“, вели О’Донел во интервјуто објавено во четвртокот.

Во тој контекст, посочува дека украинските власти ги евидентираат приемот на американската воена опрема со помош на „рачно напишани сметки“. „Се тоа е хартија“, додал американскиот функционер.

Според него, штом оружјето и опремата ќе влезат на територијата на Украина од САД, украинската страна тешко може да биде „сигурна“ каде сето тоа ќе заврши подоцна.

Американското Министерство за одбрана досега одобрило повеќе од 7.800 договори во вкупен износ од 2,2 милијарди долари уште пред нарачките на големите вооружени системи, како повеќекратните ракетни системи со долг дострел HIMARS, вели О’Донел. Во врска со ова, инспекторот има намера да спроведе ревизија на „ефективноста на пресметковниот систем на Пентагон“ во сферата на евидентирањето и следењето на трошоците поврзани со Украина.

Надзорот на генералниот инспектор ќе се фокусира на дополнителните трошоци од 26,6 милијарди долари за Украина одобрени од Конгресот од минатата година, што влијае врз намалувањето на залихите на оружје.

Исто така, американското министерство и неговиот генерален инспектор имаат намера да ги проучат и американските договори за размена на разузнавачки информации со сојузниците во НАТО, ефективноста од обуката на украинските војници и „можноста за одлив на воената опрема на црниот пазар“, за што особено минатиот месец доста пишуваа западните медиуми.

О’Донел водеше тим во Германија во јуни кој се состана со претставниците на американската команда во Европа и нејзиниот генерален инспектор, за да се проучат предизвиците за надзорот врз склучувањето на договорите, испораките и каде тоа оружје завршува.