
Актуелниот првак Баерн Минхен одигра 1:1 против многу добрата Борусија Менхенгладбах во последниот натпревар во саботната програма од четвртото коло на германското фудбалско првенство.
Баварците го примија голот пред крајот на првото полувреме, односно во 43 мината а стрелец за гостите беше Французинот Маркус Турам од единствената шанса на Борусија во тој период од натпреварот. Соочени со одличниот голман на гостите Швајцарецот Јан Зомер во текот на целиот натпревар, бранителите на титулата на крајот во последните десеттина минути успеаја да ја пробијат гостинската одбрана. Стрелец во 83 минута беше Лирој Сане.
Ова реми го врати Баерн на врвот на Бундеслигата, коешто неколку часа го држеше Унион Берлин. Баварците сега имаат 10 бодови колку и Унион но далеку подобра гол разлика. Борусија Менхенгладбах засега е шестата позиција со осум бодови.
А Унион Берлин уверливо со 6:1 триумфираше на гостувањето кај Шалке. Унион поведе во 6 минута кога стрелец беше Мортен Торсби, а израмни Мариус Бутлер од пенал во 31 минута. Берлинците поведоа повторно веќе во 36 минута преку Шералд Бекер а гол постигна и Јаник Хабер во третата минута од судиското продолжение на првото полувреме. Во вториот дел веќе во 45 минута повторно за гостите стрелец беше Бекер, а конечниот резултат го постави Свен Мичел со головите во 87 и 90 минута.
Унион Берлин е второпласиран со десет бодови но има гол-разлика „плус 8“, додека Баерн Минхен е на „плус 14“. Шалке е 16-ти со два бода.
Борусија Дортмунд на гости се намачи во победата над берлинска Херта. Единствениот погодок на мечот го постигна Французинот Андони Модест во 32 минута. Борусија Дортмунд така е на петтото место со 9 бодови, а Херта е претпоследна 17-та со еден бод.
Хофенхајм на домашен терен беше подобар од Аугсбург со 1:0 а стрелец во 38 минута беше Денис Гејгер. Хофенхајм сега е четврти со 9 бодови, а Аугсбург со три бода е 12-ти.
РБ Лајпциг пред своите навивачи со головите на почетокот и на крајот од дуелот на Кристофер Нкунку во 5 минута од пенал и во 90 минута, го победи Волфсбург. РБ Лајпциг сега со пет бодови е 10-т, а Волфсбург остана на два бода и е 14-ти.
Баер Леверкузен беше убедлив со 3:0 на гостувањето кај Манјц, иако мечот го заврши со два играча помалку, откако Пјеро Инкапие во 77 и Мичел Ракер во 94 минута беа исклучени. Стрлци за „Аптекарите“ беа Езекиел Паласиос во 29 и Џереми Фримпонг во 39 и 41 минута.
Мајн остана на седум бодови и на седмото место, додека Баер Леверкузен со првата победа дојде до првите три бода и моментално е 11-ти.
На распоредот во неделата се дуелите Келн – Штутгарт и Вердер – Ајнтрахт Франкфурт.