Алмерија со пресврт ја совлада Севилја

Во последниот саботен дуел од третото коло на шпанското фудбалското првенство Алмерија со пресврт на домашен терен со 2:1 ја победи Севилја.

Гостите кои беа фаворизирани пред почетокот на мечот поведоа во 30 минута со погодокот на Оливер Торес, но домашните до крајот на првиот дел успеаја да израмнат во 42 минута преку Ларги Рамадани, а во 55 минута Умар Садик го донесе резултатскиот пресврт во полза на Алмерија и го постави конечниот резултат.

Алмерија моментално е 9-та на табелата во групата екипи со по четири бодови, а Севилја разочарувачки по три кола има само еден бод и моментално е 15-та.

 

Претходно во саботата Рајо Валјекано на македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски на домашен терен со 0:2 беше поразен од Мајорка. За гостите стрелци беа Ведат Муриќи во 13 и Ли Канг-ин во 64 минута.

Мајорка како седма и Рајо Валјекано како десетти се во групата тимови со по четири бодови.

 

Гостинска победа, минимална со погодокот на Браис Мендез во 20 минута од мечот оствари и Реал Сосиедад кај Елче. За Сосиедад ова беше втората победа во трите кола и моментално е петти со шест бодови, додека Елче го претрпе и вториот пораз и со еден бод е моментално е 18-ти.

Во недела на распоред се дуелите Хетафе – Вилјареал, Барселона – Вајадолид, Еспањол – Реал Мадрид, а колото во понеделник го затвораат дуелите Кадиз – Атлетик Билбао и Валенсија – Атлетико Мадрид.