Сијарто: Или побрза европска интеграција или нови стратешки проблеми во Европа

EPA/NATASA KUPLJENIK

Европа ќе доживее нови стратешки проблеми доколку нема успех во интеграцијата на земјите од западен Балкан, изјави во понеделникот на традиционалниот форум во Блед унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.

Во своето излагање на Бледскиот стратешки форум Сијарто рече дека западниот наратив за судирот во Украина не е ист во земјите кои не се на европскиот и северноамериканскиот континент. Шефот на унгарската дипломатија тоа го смета за своевиден стратешки пораз на Европа и истакна дека оттаму е клучно Европа што поскоро да постигне мир во своето опкружување.

„Мислам дека моменталната ситуација мора на сите јасно да им покаже дека Европската унија мора да ја забрза интеграцијата, а бидејќи колку сме поголеми, толку сме посилни“, рече Сијарто.

„Доколку не сме способни повеќе да интегрираме, особено западен Балкан, нѐ чекаат нови стратешки проблеми“, заклучи Сијарто чијашто земја бараше и издејствува изземање од санкциите на ЕУ за рускиот енергетски сектор.

„Зошто купуваме гас од Русите? Бидејќи физички не можеме да го купуваме никаде на друго место. Затоа не ги и нема да ги поддржиме енергетските санкции. И тоа нема руски аспект, тоа е чисто унгарско прашање“, истакна Сијарто.