Илинден доби ново основно училиште

Во општина Илинден ќе има ново основно училиште, а во текот на летниот период извршени се градежни активности и во сите други училишта, санација на оштетени делови, хортикултурно уредување на дворните површини, како и целосна дезинфекција на училниците и просториите кои се наоѓаат во училишните згради – информира општината.

Новото училиште е енергетски ефикасен објект, со иновативен пристап и воведени нови технологии и еколошки материјали, со греење и ладење со алтернативни извори на енергија, опремено според највисоките безбедносни стандарди.

„Училиштето располага со 14 училници, наставничка канцеларија, конференциска сала, пет тоалети како и три простории за кујна со трепезарии. Сите простории се опремени со потребниот инвентар според највисоките нормативи и стандарди. Карактеристично за новото училиште е тоа што има и сензорна соба за поголема инклузија на децата со попреченост. Основните придобивки од отворање на ова училиште се модернизирање и проширување на просторните капацитети, како и  воведување настава со продолжен престој за учениците од прво одделение и обезбеден топол оброк“, информира Општината.

Градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски направи обиколка на централните и подрачните основни училишта,  градинката и средното општинско стручно училиште.

„При посетата беше констатирано дека сите училишта подготвени ќе ја отпочнат новата учебна година и се спремни просторно, како и со воспитно-образовен кадар, кој во целост ќе ја спроведе предвидената образовна програма за учениците“, соопшти Општина Илинден.