Москва: Запрен обидот на Украина повторно да тргне во офанзива

Новиот обид на режимот во Киев да ги обнови обидите со противофанзивни операции на неколку правци на југот на земјата е запрен со големи загуби на украинската војска, соопшти во средата во дневниот брифинг руското Министерство за одбрана.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски, кој веќе цел месец ја најавуваше противофанзивата во југоисточните области кои се под контрола на проруските сепаратистички единици и руската војска, во вторникот го повтори повикот до руските војници „да бегаат и да си ги спасат животите“ откако неговите сили „започнаа офанзива“ за повторно да ја заземат јужна Украина.

Британското Министерство за одбрана во средата во својот редовен утрински брифинг за војната во Украина, објави дека наводно украинските сили „на некои места“ на јужниот фронт ги „потиснале“ руските сили, искористувајќи ја „релативно тенката“ руска одбрана.

„Во текот на неуспешните напади кај населените места Архангелское, Олгино и Терновје Поди, непријателот претрпе значителни загуби и беше одбиен од руските војски“, тврди руското Министерство за одбрана.

Тврдењата на двете страни не можат да се проверат од независни извори, а завојуваните страни се обвинуваат меѓусебно за војна со дезинформации.

Според Москва, во последните два дена од прогласениот почеток на украинската противофанзива загинале повеќе од1.700 украински војници, биле соборени два борбени авиони „Су-25“ и по еден од моделите „Су-24“ и „МиГ-29“, три хеликоптера „Ми-8“, 63 тенкови, 59 борбени пешадиски оклопни возила, 48 други оклопни возила и 14 камионети со тешки митралези со голем калибар. За загуби на руската страна не се соопштува.

Руската војска наведува и дека за деблокирање на украинските трупи во јужниот регион, преку реката Ингулец биле испратени 12 тенкови кои неодамна Полска ѝ ги доставила на Украина. Се додава дека наводно под силен баражен оган на руските трупи дел од овие тенкови бил уништен, додека други при повлекување биле уништени влетувајќи во минско поле коешто претходно го поставила украинската војска за да го запре напредувањето на руските трупи. Само пет од овие тенкови успеале да се повлечат на територијата која ја контролира Украина, тврдат од Москва.