
Цените на нафтата повторно паднаа во средата, лизгајќи се под 96 долари за барел под притисок од загриженоста на купувачите за состојбите во кинеската економија по слабите податоци од индустријата и сигналите за намалување на побарувачката на енергенси.
На лондонскиот пазар цената на барелот со рокови за испораки во октомври, кои истекуваат денеска, беше пониска за 3,41 долари отколку на затворањето на тргувањето во вторникот, и изнесуваше 95,90 долари. Вчера го заклучи тргувањето во минус од 5,78 долари. Поактивно се тргуваше со барелите со роковите за испораки во ноември кои поевтинија за 2,97 долари, на 94,87 долари.
На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 2,89 долари пониска цена отколку во вторникот, на 88,75 долари. Вчера тргувањето беше затворено со минус од 5,37 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) не објави денеска колку чинел вчера барелот на кошница референтна нафта на нејзините членки. Во понеделникот беше објавено дека поскапел за 97 центи, на 104,85 долари.
Трговците ги загрижува слабата светска економија, а во нивниот фокус се состојбите во Кина.
„Најновите сигнали се слабеење на растот, падот на активностите во кинеската индустрија во август и послабиот раст на секторот услуги отколку што се очекуваше“, коментира за Reuters Тамаш Варга од „PVM Oil Associates“.
Активностите во кинеската индустрија повторно паднале во август, а новите случаи на зараза со Covid-19, најлошите топлотни бранови во повеќе децении и потклекнувањето на секторот на недвижнини сигнализираат проблеми и во третиот годинешен квартал, по падот на активностите во периодот од април до јуни во однос на почетокот на годината.
Властите во Пекинг спроведуваат модел на „нулта толеранција“ на коронавирусот, па низа големи градови, од Шензенг и Далиан, воведуваат карантин и ги затвораат компаниите за да се за сузбие новиот бран на епидемијата.
„На тоа треба да се додаде дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) и Европската централна банка (ECB), според генерална процена, ќе ги подигнат каматните стапки следниот месец, веројатно дури за 0,75-процентни поени, а тоа ги тера на бегство вложувачите во акции. Нафтата го следи трендот, барем засега“, додава Варга.
Тег за цените на нафтата беше и извештајот на Заедничкиот технички комитет на OPEC и на нејзините сојузници големи производител на нафта предводени од Русија познати како OPEC+, и процените дека пазарите на нафта годинава, според базичното сценарио, ќе бележи вишок во снабдувањето од 900.000 барели дневно. Пред еден месец вишокот беше проценет на 800.000 барели дневно.
OPEC+ ќе одржи состанок на 5-ти септември за да ја разгледа политиката на производството. Некои членки на иницијативата веќе бараат намалување на производството