
-Не постои никаква нова давачка за електрична енергија. Кога ќе се собере трошокот за струја, на пример за првиот блок, и ќе се собере трошокот за мрежарината ќе се добие вкупна цена за електрична енергија како што било и претходно. Има само една вистина, а тоа е дека нема никаква нова давачка, туку во новите сметки граѓаните добиваат цена како продукт и цена за користење на мрежарината. Оваа пракса ја има во сите земји членки на ЕУ, изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски, коментирајќи ги шпекулациите што се појавија за воведување на нова давачка за пренос и дистрибуција.
-Откога се наплаќа електрична енергија во Македонија некаде од педесеттите отсекогаш се плаќало за производство на електрична енергија или за набавка доколку имало потреба од увоз, за пренос на електрична енергија за да помине електричната енергија низ преносната мрежа која што е на висок напон од 110 киловолти до 400 киловолти и се плаќало за дистрибуција на електрична енергија. Со последните одлуки на РКЕ нашето законодавство и нашите одлуки ги усогласивме со европската пракса и сега граѓаните добиваат посебна цена за електричната енергија како продукт и цената за секој блок за да знаат колку ги чини електричната енергија и добиваат посебна ставка за користење на преносната и дистрибутивната мрежа, рече Бислимоски.
Тој нагласи дека цената за мрежарината пред поскапувањето на струјата се движеше од 1,8 до два денари за напонско ниво LV 2, а сега е 3,37 денари. Делот за пренос на МЕПСО чини околу 0,34 денари. Посочи дека мрежарините поскапеа поради тоа што загубите на електрична енергија драстично се зголемија.