DPA: Русија во 2022-ра ја напуштиле 419.000 луѓе

(AP Photo/Misha Japaridze)

Околу 419 илјади луѓе ја напуштиле Русија во првата половина од 2022 година, двојно повеќе од една година претходно, пренесува во вторникот германската новинска агенција DPA повикувајќи се на руски ресурс RBC.

Германската агенција забележува и дека станува збор за прв период во поновата руска историја кога емиграцијата е повисока од имиграцијата. Руската статистичка агенција Ростат не дала поединости за националноста на оние кои ја напуштиле земјата.

Русија традиционално ги привлекува имигрантите од поранешните советски републики. Годинава движењето на населението одело во обратна насока, околу 369.000 заминале во поранешните советски републики, а од нив во Русија влегле 295.000 луѓе. Речиси 80.000 лица ја избрале Украина како своја дестинација, пренесува DPA.

Почетокот на руската офанзива во Украина на крајот од февруари годинава довел до „егзодус не само од со војната погодената земја, туку и од сама Русија“, пишува DPA.

Германската агенција заклучува дека припадниците на опозицијата „побегнале“ од Русија, а дека земјата ја напуштиле и „голем број млади образовани работници во потрага по подобри деловни можности по повлекувањето на западните компании“.

Големи руски заедници се формирале во Ерменија и во Грузија, особено поради релативно лесната процедура за влегување во овие земји за Русите, тврди DPA.

Во првите шест месеци од годинава руското население вкупно се намалило за 480.000 лица, во што удел имаа и природниот губење на населението поради смртност.