
Рускиот претседател Владимир Путин порача во средата дека моќта на ткн колективен Запад слабее поради тоа што агресивниот обид за изолирање на Русија со повеќегодишните санкции без преседан во историјата ја уништува глобалната економија во времето кога Азија се издигнува.
Западните земји предводени од САД почнувајќи од 2014 година ѝ ги наметнаа не Русија најголемите сеопфатни санкции во историјата, поради она што Москва го нарекува изнудена превентивна специјална воена операција Украина чијашто цел е заштита на тамошното руско и рускојазично население. Русија, исто така, порача дека цел на нејзината инвазија е преку „демилитаризација и денацизација“ на соседната земја да ја отстрани воената закана по сопствената национална безбедност.
Според рускиот претседател, воведувањето на санкции всушност се потврда на она што е слично на објава на економска војна против Москва. На Источниот економски форум во Владивосток на крајниот исток на земјата, Путин рече дека западните санкции против Русија ја заменија пандемијата на Covid-19 како главна закана за глобалната економија.
„Зборувам за треската со санкциите на Западот, неговите дрски, агресивни обиди да ги наметне моделите на однесување на другите земји, да ги лиши од нивниот суверенитет и да ги подреди на својата волја“, рече Путин.
„Во обидот да му дадат отпор на текот на историјата, западните земји ги поткопуваат клучните столбови на светскиот економски систем, градени со векови“, рече рускиот челник додавајќи дека во светот паѓа довербата во американскиот долар, еврото и британската фунта.
Обидите на Западот економски да ја изолира Русија со, во прв ред, наметнувањето на блокада и на нејзиниот финансиски и банкарски сектори кон меѓународните системи за плаќања, а станува збор за земја еден од најголемите производители на храна, енергенси и други природни ресурси, ја турна глобалната економија која беше на излез од пандемиската криза во непознати води со сѐ поголеми цени на храната и на енергијата, оценуваат економските аналитичари во светот.
Путин во Владивосток го обвини колективниот Запад дека прави обиди да ја наметне својата волја во целиот свет, но додаде дека слабее моќта на западните земји, бидејќи жариштето на глобалниот раст сега е поместено во Азија.
„Во меѓународните односи дојде до неповратни, па дури и до тектонски промени. Улогата на динамичните, перспективните земји и региони во светот, првенствено во азиско-пацифичкиот регион, значително порасна“, истакна Путин.
Рускиот претседател извести и дека Кина ќе му го плаќа рускиот гас на „Газпром“ во националните валути на двете земји, според договорот потпишан во вторникот кој предвидува исплати врз основа на поделбата меѓу руската рубља и кинескиот јуан во сооднос 50:50.
Путин, исто така, рече дека руската економија се справува со „финансиската и технолошка агресија од Западот“, но призна дека има тешкотии во некои индустрии и региони, за чиешто надминување најави преземање мерки и вложувања.
Медиумите забележуваат дека на споменатиот економски форум во Владивосток учествува и претседателот на кинескиот парламент Ли Жаншу, трето рангираниот функционер на владејачката кинеска Комунистичка партија.