
Големи делови на источна Украина во неделата вечерта останаа без снабдување со електрична енергија, пренесуваат украинските медиуми.
Особено погодени со прекинот на струјата се регионот Харков, Полтава, Днепропетровск и Суми. Според украинските медиуми, поради падот на напонот во прекин е подземната железница во Харков, а во Потлава се запалиле тролејбуси.
Агенцијата AFP, повикувајќи се на својот дописник, пренесува дека струја нема ниту во градот Краматорск. Гувернерот на Харков изјавил дека во некои делови од регионот снемало струја и вода откако во руски напади била погодена инфраструктурата.
Претходно во неделата челниците на проруските сепаратистички сили во Доњецк објавија дека украинските сили ја најмалку 35 пати ја гранатирале цивилната инфраструктура во самопрогласената народна република за да предизвикаат прекин во снабдувањето со струја на болниците, детските градинки и училиштата. Во нападите има загинати.
Проруските власти на градот Енергодар, во близина на нуклеарната централа Запорожје, објавија дека по украинско гранатирање во прекин е снабдувањето со струја и вода.
Пред вечерта на целата територија на Украина беше објавена тревога од воздушен напад. Медиумите јавија дека руските сили истрелале повеќе балистички проектили од Црното и од Каспиското Море.
„Окупаторите ја погодија клучната инфраструктура во градот и регионот Харков. Во неколку населени места нема снабдување со електрична енергија или вода. Пожари избувнаа на местата каде се случија овие напади“, напиша на Telegram гувернерот Олег Синегубов.
Руските сили, исто така, ја погодиле енергетската инфраструктура во централна украинска област Днепропетровски, прекинувајќи го снабдувањето со струја во неколку градови.
„Некои градови и населби се без струја. Русите ја погодија енергетската инфраструктура., Не можат да се помират со поразите на бојното поле. Ќе се снајдеме. Сите служби работата. Сѐ ќе вратиме што е можно поскоро“, тврди во објавата на Telegram гувернерот Валентин Резниченко.