
Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот француски колега Емануел Макрон разговарале во неделата телефонски за безбедносната ситуација во нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина која од почетокот на војната е под контрола на руската војска.
Во разговорот, кој како што извести Кремљ се одржал по барање на Елисејскиот дворец, двајцата челници изразиле подготвеност за „аполитичка интеракција“ со учество на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), според објавеното соопштение.
„Руската страна обрати внимание на редовните украински напади врз централата, вклучително и на складиштето за радиоактивен отпад, што може да резултира со катастрофални последици“, соопшти Кремљ.
Путин и Макрон, исто така, разговарале и за проблемите со глобалната сигурност на храната. Рускиот претседател на францускиот колега по должност му рекол дека за Европската унија е важно да не го попречува извозот на руските прехранбени производи и земјоделски ѓубрива во Африка, Латинска Америка и на Блискиот исток.