Мицкоски: Стопанството се соочува со проблеми и не е во фокусот на политиките на Владата

Имавме можност отворено да разговараме за сите проблеми со кои се соочува стопанството, бидејќи како најголема политичка партија во Македонија имаме чувство како стопанството да не е во фокусот на политиките на Владата, истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, по средбата во понеделникто со челникот на Стопанската комора, Бранко Азески.

„Водени од тоа сакавме од прва рака да се запознаеме со потешкотиите, иако морам да кажам дека во неврзани разговори имаме некаква слика, но ова што денеска тука можевме да го слушнеме навистина голема загриженост за иднината на стопанството, а со самото тоа и за иднината на македонската економија“, истакна Мицкоски.

Посочи дека поради тоа што не можат да се прават планови, и како држава и влада во приходите на Буџетот, и кога економијата е таа која не може да ги генерира тие приходи, да го полни буџетот, е многу важно фокусот да биде кон економијата, кон стопанството.

„Бидејќи тоа исто стопанство вработува луѓе, повеќе од 680.000 се вработени во приватниот сектор, тие генерираат приходи и дел тие приходи завршуваат во државниот Буџет, а потоа и се трошат. Така што вие влада не можете да трошите, ако стопанството вас доволно не ви приходува“, посочи Мицкоски.

Рече дека како најголема политичка партија во државата, која има најголем број градоначалници и најголема пратеничка група во парламентот, во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека поддршката што ја даваат за стопанството и она кое го имаат како разбирање кон стопанството треба да продолжи, да се зголеми, да се интензивира во рамките на нашите можности.

„Ние повикуваме континуирано на обединување, цениме дека општеството за жал ни е поделено политички, социјално, општествено, за еден голем договор, за кој што зборуваше и претседателот Азески потребно ни е обединување. Да видиме дали како држава сме подготвени на тоа.

Ние како најголема политичка партија, јас како претседател на оваа партија подготвен сум да седнам да ги бранам позициите исто како што денеска го правев тука пред стопанствениците, да направиме еден голем договор којшто е многу значаен за иднината на Македонија. Во спротивно жалам што тоа можам да го констатирам, но предизвиците се големи, а проблемите ќе бидат уште поголеми. Исто како што сега сме загрижени, а се уште е лето календарски, каква ќе имаме есен, каква зима, каква ќе биде следната година, така сме загрижени и каква иднина има стопанството, а со тоа и каква иднина ќе има нашата Македонија“, потенцираше Мицкоски.,