Принцот Вилијам стана милијардер благодарение на новите титули

Наследникот на британскиот престол, принцот Вилијам стана милијардер веднаш откако ја доби титулата принцот од Велс по смртта на неговата баба кралицата Елизабета Втора, објави весникот The Daily Star.

Според пресметките на весникот објавени во неделата, синот на новиот британски крал Чарлс Трети, чиешто богатство беше претходно проценето на 34 милиони британски фунти, односно околу 40 милиони американски долари, пораснало на 1,1 милијарди фунти или 1,3 милијарди долари, откако му се доделени новите титули и имотите кои одат со нив.

Како што се наведува во написот, покрај претходните титули војвода и војвотка од Кембриџ, принцот Вилијам и неговата сопруга Кејт Мидлтон станаа војвода и војвотка од Корнвол, како и принцот и принцезата од Велс. Титулата од Велс не беше пополнета по загинувањето на принцезата Дијана во 1997 година, мајката на принцот Вилијам.

Според британскиот таблоид, тоа значи дека сега двојката поседува имоти од 128.000 акри, односно речиси 52.000 хектари во Англија и во Велс.

Традицијата на британската монархија предвидува титулата принц од Велс ја носи наследникот на престолот. Откако најстариот син на починатата кралица принцот Чарлс стана нов монарх со името Чарлс Трети, му ја отстапи титулата принц на Вилијам.

Покрај тоа, кралот истакна дека принцот Вилијам ќе ги има и шкотските титули, меѓу кои е и титулата војвода Ротсејски, како и титулата војвода од Конрвол, која новиот крал ја носеше повеќе пет децении.

Елизабета Втора, која почина на 8-ми септември во кралската летна резиденција во шкотските планини дворецот Балморал, владееше најдолго во британската историја – 70 години и 7 месеци. Погребот на Нејзиното Величество ќе биде извршен на 19-ти септември, следниот понеделник. Крунисувањето на Чарлс Трети ќе следи по неколку месеци, но датумот сѐ уште не е објавен.