
Полицајците во Сент Луис го убиле 16-годишниот Дерил Рос, кој наводно посегнал по пиштол, соопшти синоќа полицијата. Рос, кој е Афроамериканец, е убиен синоќа нешто по 23:30 часот на бензинска пумпа во северниот дел на градот, јави АП, пренесува Танјуг.
Во полицискиот извештај за инцидентот се наведува дека еден од полицајците вклучени во пукањето бил Афроамериканец, а еден бил белец. Новата градска единица за истраги, формирана минатиот месец, ја води истрагата. Полицијата соопшти дека двајца детективи за спроведување на наркотици забележале неколку лица со пиштоли на бензинската пумпа и се упатиле кон паркингот.
Нивниот автомобил бил неозначен и биле во цивилна облека, но носеле црни панцири со натпис „Полиција“ на предната и задната страна. Рос, кој имал пиштол, според полицискиот извештај, брзо влегол во блиската уличка. Детективите го следеле и рекле дека се полицајци. Рос, наводно, истрчал, а потоа се сопнал и паднал, фрлајќи го пиштолот. Како што се приближувале детективите, Рос посегнал по пиштолот, се вели во извештајот, што ги натерало двајцата полицајци да пукаат во него.
Рос бил пренесен во болница каде била констатирана смрт. Полицајците биле неповредени.