Раст на берзите во Азија, доларот слабее а нафтата поевтинува

На азиските берзи во вторникот цените на акциите пораснаа, следејќи го четиридневниот раст на њујоршки Волстрит, бидејќи вложувачите се надеваат на попуштање на инфлаторните притисоци во САД, што би можело да ја наведе американската централна банка Fed на забавување на темпото на зголемувањето на каматите.

MSCI индексот на азиско-пацифичките акции без јапонски, по 7 часот беше во плус од 0,6 отсто. Притоа на Токиската берза Nikkei индексот зајакна за 0,2 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Хонгконг, Австралија и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,3 и 2,6 отсто.

Азиските инвеститори ги охрабри вчерашниот раст на цените на акциите на Волстрит, четврти ден со ред, благодарејќи на надежите дека инфлаторните притисоци во САД попуштаат, што би можело да ја наведе Fed да го забави темпото на каматните стапки.

Во вторник подоцна ќе биде објавен извештајот за потрошувачките цени во САД, кои ќе покажат колку во август попуштиле инфлациските притисоци, имајќи предвид дека во тој месец паднаа цените на горивата.

 

А на валутните пазари вредноста на доларот кон кошницата валути продолжи да се намалува трет ден со ред. Индексот на доларот, кој ја изразува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, се движи околу 108,20 поени, додека вчера во истиот период од тргувањето изнесуваше 108,82 поени.

Притоа курсот на доларот кон јапонската валута се лизна од вчерашните 142,75 на 142,65 јени.

Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0128 долари, додека во вчерашното тргување во истиот дел од денот изнесуваше 1,0085 долари.

Отргнувањето на еврото од најниското ниво во последните 20 години следеше откако минатиот четврток Европската централна банка (ECB) ги зголеми клучните каматни стапки за агресивните 0,75 процентни поени и најави натамошно заострување на монетарните политики.

 

Цените на нафтата, пак, по вчерашниот раст утрово паднаа. Така, цената на барелот на лондонскиот пазар се лизна за 0,30 отсто на 93,72 долари, додека на американскиот пазар се тргуваше по 0,26 пониска цена од 87,55 долари за барел.