
Иран ги потпиша меморандумот за полноправно членство во Шангајската организација за соработка (ШСО – SCO), потврдија во четвртокот министерството за надворешни работи, потврдувајќи ги со тоа настојувањата на Техеран на надминување на економската изолација поради американските санкции.
„Со потпишување на документот за полноправно членство во ШОС, Иран влезе во фазата на разнообразна економска, комерцијална, транзитна и енергетска соработка“, напипа иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахијан на својот профил на Instagram.
Ова безбедносно тело на земјите во централна Азија, кое брзо се шири и коешто го основаа Кина и Русија, минатата година го одобри иранското барање за членство. Тврдолинијашките челници во Техеран ги повикаа земјите членки да му помогнат да воспостави механизам за избегнување на последиците од санкциите кои ги наметнаа САД откако во 2018 година еднострано се повлекоа од нуклеарниот договор кој Иран го постигна со шесте светски сили во 2015 година во Виена. Иако земјите од западна Европа, сојузници на Вашингтон, официјално не ги вратија децениските санкции против Иран, тамошните компании поради страв од одмазда од САД се повлекоа од инвестициите во иранската економија и ја прекинаа секоја соработка.
Иранскиот претседател Ебрахим Раиси, се наоѓа во четвртокот во оазата Патот на свилата во Самарканд во Узбекистан за да учествува на самитот на Шангајската организација. Се очекува да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
Организацијата е формирана во 2001 година како механизам со кој Кина и Русија соработуваат со поранешните советски република во централна Азија, но пред четири години почна да се шири и на индискиот потконтинент со Индија и Пакистан, со цел да се зајакне противтежата на влијанието на Западот во регионот.
Членки на организацијата се Кина, Русија, Индија, Казахстан, Киргистан, Пакистан, Таџикистан и Узбекистан. Азербејџан, Ерменија, Камбоџа, Непал, Турција и Шри Ланка, пак, се земји партнери на ШОС.
На виртуелниот самит на ШОС во Душанбе во септември 2021 година, започна процедурата за приемот на Иран во организацијата и доделување статус партнер во дијалогот на Египет, Катар и Саудиска Арабија. Годинава Белорусија официјално поднесе барање за приклучување кон ШОС како полноправна членка.
Иран сега ќе може да учествува на состаноците на организацијата, но веројатно ќе биде потребно извесно време да постигне полноправни членство, изјави заменикот на генералниот секретар на ШОС Григориј Логвинов за руската државна телевизија.