Фон дер Лаен: Поддршката на Украина чини, но слободата е непроценлива

Поддршката на Украина чини, но „слободата е непроценлива“, кажа шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лаен во Киев во време на раст на инфлацијата и високи цени на енергенсите во Европа и повика да продолжи вооружувањето на Украина честитајќи ѝ на „воените успеси“. Европските санкции против Русија имаат длабоко и видливо влијание, кажа таа во Киев по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

За потенцијалните последици на растот на цените во Европа Фон дер Лаен кажа дека поддршката на Украина „има висока цена“, но „слободата, меѓународниот поредок и демократијата се непроценливи“. Претседателката на ЕК денес стигна во својата трета посета на украинската престолнина од почетокот на руската инвазија и ѝ честиташе на Украина „на воените успеси во борбата против Русите“.

„Знам дека допрва треба да дојде до консолидација, но сепак е импресивно да се види храброста на украинските оружени сили“, кажа таа на прес конференцијата со Зеленски. Истакна дека им порачува на државите од ЕУ и понатаму да ѝ помагаат на Украина со оружје.

„Апсолутно е клучно и потребно да се поддржи Украина со воена опрема нужна за одбраната, а докажа дека во тоа успева кога е добро опремена“, кажа таа. ЕУ нема воена опрема, но нејзините членки на Киев веќе му испратија вооружување вредно 2,5 милијарди евра.

Европскиот парламент поддржа уште 5 милијарди евра помош откако Европската инвестициска банка (ЕИБ) во средата го одобри првиот дел од позајмицата од 1.6 милијарди евра. Фон дер Лаен вчера најави и финансиска помош за реконструкција на оштетените училишта вредна 100 милиони евра.

„Никогаш нема да успееме да жртвуваме колку што Украинците губат со своите домови или кога плачат за своите сакани кои повеќе ги нема“, кажа таа. „Договоривме дека ќе работиме најмногу што можеме за Украина да има повеќе работа, повеќе приходи – пристап на Украина на единствениот европски пазар е можен“, кажа, спомнувајќи и намалување на царините за Украина.