
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар изврши увид на местото во близина на семејна куќа на улицата „Гоце Делчев“ во градот, каде синоќа 28-годишниот Г.А. беше убиено од огнено оружје, со прострелна рана во главата.
Според неофицијалните информации кои ги објавија локалните медиум, на убиството му претходела расправија.
Полициски службеници кои излегле на местото констатирале дека Г.А. се здобил со повредите во дворното место од семејната куќа, а во кантата за отпадоци бил пронајден пиштол.
По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Полицијата и обвинителството не откриваат дали има осомничени за случајот, кој ги потресе жителите на Гостивар.
Според обвинителството, момчето во Ургентниот центар во Гостивар го однел неговиот татко и таму била констатирана смртта. Врз телото на починатиот ќе се изврши обдукција.
„При увидот на местото, подигнати се траги, како и оружје – пиштол кој ќе биде предмет на вештачење. По наредба на јавниот обвинител, обезбедени се видеозаписи од камерите на локалните објекти“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Посочуваат и дека се преземени и други дејствија, од кои се очекуваат резултати за целосно расчистување на настанот.