Раст на Волстрит во несигурното тргување

На њујоршки Волстрит во понеделник берзанските индекси пораснаа, по остриот пад минатата седмица, но се тргуваше несигурно во очекување на одлуките и пораките на американската централна банка Federal Reserve (Fed) за каматните стапки.

Лошо на пазарот на капиталот влијае и забавувањето на растот на глобалната економија, на што минатата седмица предупредија и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF) и Светската банка.

Од тие причини на повеќето европски берзи цените на акциите во понеделникот паднаа. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,42 отсто на 7.236 поени а парискиот CAC за 0,26 проценти на 6.061 поен, додека франкфуртскиот индекс DAX, пак, зајакна за 0,40 отсто на 12.803 индексни поени.

Во Њујорк, пак, индексот Dow Jones зајакна за 0,64 отсто на 31.019 поени, индексот S&P 500 порасна за 0,69 проценти на 3.899 поени, а Nasdaq индексот се зголеми за 0,76 отсто на 11.535 индексни поени.

Откако мината седмица го забележаа најголемиот пад од јуни, индексите на Волстрит вчера надоместија дел од загубите, но се тргуваше претпазливо. На тоа укажува тенкиот обем на тргување. Сопствениците ги замениле само 9,58 милиони акции, што е шестиот најмал дневен обем оваа година.

Тоа е последица на несигурноста на вложувачите во врска со зголемувањето на каматните стапки на американската централна банка. Повеќето аналитичари очекуваат дека челниците на Fed на дводневната септемвриска седница, која завршува во среда, повторно по третпат во низа ќе ги зголемат клучните каматни стапки за 0,75 процентни поени.

Меѓутоа, откако минатата седмица податоците покажаа дека во август во САД инфлацијата била повисока од очекуваното, се шпекулира дека Fed би можел да ги зголеми каматите и за цел процентен поен.

„Сите погледи се насочени кон Fed и се чека што челниците на централната банка ќе одлучат и ќе порачаат во среда. Мислам дека до тогаш тргувањето ќе биде слабо“, вели за Reuters Џош Маркман, партнер во компанијата „Bel Air Investment Advisors“.

Вложувачите стравуваат дека инфлацијата би можело да се задржи на високи нивоа подолго отколку што се очекуваше, што би го принудило Fed на заострување на монетарната политика и следната година. А тоа би можело да ја турне економијата во подлабока рецесија. Технички американската економија веќе потона во рецесија, имајќи предвид дека во последните две тримесечја падна на квартално ниво, но засега таа рецесија е плитка.