Украина соопшти за подлабоки напредувања

Украина соопшти дека нејзините сили влегле подлабоко на исток во територијата којашто неодамна ја напуштија руските сили, надевајќи се на потенцијален напад во регионот Донбас, пренесува Reuters забележувајќи дека не може да ги потврди извештаите од бојното поле од независни извори.

„Окупаторите очигледно се во паника“, изјави украинскиот претседател Владимир Зеленски во ноќното обраќање, додавајќи дека сега е насочен на „брзината во ослободените територии, брзината со која се движат нашите трупи, брзината на воспоставување на нормалниот живот“.

Украинскиот челник, исто така, навести дека ќе го искористи видео обраќањето на Генералното собрание на Обединетите нации во среда за да ги повика земјите членки да ги забрзаат испораките на оружје.

„Правиме сѐ за да осигуриме потребите на Украина да бидат задоволени на сите нивоа: одбранбеното, финансиското, економското, дипломатското“, рече Зеленски.

Именуваниот од Киев гувернер на регионот Луганс, Сергеј Гајдај, тврди во објавата на социјалните мрежи дека украинските сили ја преземале контролата над селото Билогоривка и оти се подготвуваат да ја заземат целата област Луганск, иако засега се само на нејзините рабни области. Селото е на десет километри од Лисичанск, кој во јули беше заземен од проруските сепаратистички сили помогнати од руските единици.

„Ќе има борба за секој сантиметар. Непријателот подготвува одбрана. Затоа нема едноставно да вмаршираме“, објави Гајдај на Telegram каналот.

Луганск и соседниот регион Доњецк, кои се доминантно населени со руско и рускојазично население и прогласија независност по превратот во Киев во 2014 година, ја прават индиструјализираната област Донбас, која е примарна цел на руската „специјална воена операција“ во Украина.

Украинските сили заземаа одредени позиции во Луганск, откако руските трупи се повлекоа брз борба со објаснување дека се изведува прегрупирање бидејќи малите единици на широкиот фронт се во опасноста да бидат опколени. Руското Министерство за одбрана објави дека обидот за изведување противофанзива ги чини украинските сили илјадници загинати војници и големи загуби на воена опрема.

Покрај заземањето на дваесетина места во Харковската област по руското повлекување, украинската војска тврди дека имала успех и во регионот Нова Каховка во регионот Херсон. Но известува само дека артилеријата потопила реморкер кој пренесувал опрема и руски војници.