
Жителите на деловите од југоисточната украинска област Запорожје кои се под контрола на властите во Киев во знак на протест го блокираа автопатот кој ги поврзува со подрачјата кои се под контрола на проруските сепаратисти и руската војска, објави во средата членот на Главниот совет на проруската привремено воено-цивилна администрација на регионот Владимир Рогов.
„Во знак на протест против постапките на режимот на (украинскиот претседател Владимир) Зеленски, запорожците го блокираа Ореховскиот автопат. Луѓето, на кои сѐ уште не им се дозволува влез на ослободената територија го блокираат патот во знак на протест и бараат да бидат пуштени“, објави на Telegram Рогов кој е претседател на движењето „Ние сме со Русија“.
Рогов појаснува дека украинските сили вовеле систем на одобрување, електронски и безбедносни проверки, како и намерно создавање дополнителни проблеми на контролните пунктови по должината на линијата на раздвојувањето и блокирање на излезот на граѓаните на преминот на жителите во подрачјата од Запорожје кои се под контрола на руските сили и проруските сепаратисти.
„Луѓето се принудени да чекаат седмици, па дури и со месеци, за да можат да заминат“, пишува Рогов.
Вели дека властите во Киев не им дозволуваат на жителите да преминат на подрачјата кои не се под нивна контрола, за да ги спречат да учествуваат на референдумот за присоединување на Русија.
Изминатите пет дена во областите кои се под контрола на сепаратистичките и руските сили – Луганс, Донецк, Херсон и дел од Запорожје се одржаа референдуми за присоединување кон Русија. Според конечните резултати, во Запорожје 93,11 отсто од жителите на регионот кои учествувале на референдумот го поддржале приклучувањето како руски федерален субјект.
Обединетите нации, Европската унија, САД и НАТО порачаа дека нема да ги признаат резултатите од овие според нив „лажни“ референдуми и најавија нови санкции против Русија, вклучително и за меѓународните набљудувачи на гласањето во Донбас, од кои некои беа од земји членки на ЕУ, во прв ред Франција и Германија.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски повторно во ноќното обраќање кон средата ги осуди референдумите кои проруските сепаратистички власти ги организираа во доминантно руските и рускојазични региони на југоистокот од Украина, нарекувајќи ги фарса и изјави дека Киев ќе ги „брани своите луѓе кои живеат под окупација“.
„Оваа фарска на окупираните подрачја не може да се нарече ниту имитација на референдум“, изјави Зеленски.
Зеленски рече дека Украина „ќе ги брани своите луѓе коишто живеат под окупација во Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон, како и во деловите од Харковската област кои сѐ уште се под окупација“. Без за даде поединости, најави „добри вести кои наскоро ќе стасаат од фронтот“, „Напредуваме и ќе ја ослободиме нашата земја“, рече.